Писателот Алачки со внуците Давид и Бодан

Мои малечки пријатели, ќе бидам среќен ако при вашето патување кон светот на возрасните, некоја од моите песни ве насмее, ве подзамисли и ве израдува, вели Алачки

Димитар Алачки (69) е познат лекар од Струмица, но познат е и како афористичар, хуморист и поет за деца. Досега има издадено три стихозбирки, а критичарите се едногласни дека жалат што Алачки доста доцна се одлучил да почне да ги објавува своите книги.
Поттик да почне да пишува му биле двете ќерки, а сега внучињата Давид и Бодан, на кои им ги посветува книгите. Негови песни се најдоа и во антологијата на современата македонска поезија за деца и млади, со заеднички наслов „Тоа сум јас“, во издание на фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“ од Скопје.

„Мои малечки пријатели, не е лесно за нас возрасните во малечка песна да го собереме вашиот голем, волшебен детски свет. Веројатно сме ги подзаборавиле неговите мириси, бои и звуци. Затоа тешко ги пронаоѓаме знаците и трагите на патот што би нѐ вратиле во детството. Не сме сигурни кога пишуваме за вас, дали ќе се сетиме на вистинските зборови. А вие со возбуда откривате сѐ околу себе, брзате да ѕирнете во светот на возрасните. Ќе бидам среќен ако при тоа ваше патување, некоја од моите песни ве насмее, ве подзамисли, ве израдува“, со овие зборови им се обраќа на децата читатели Димитар Алачки.

За д-р Ана Битанова Рогачева од Струмица, тој е „ненаметлив автор, со дискретен хумор што засмејува, но и замислува“, а писателот Киро Донев за песните објавени во збирката „Тајни“ вели дека „којзнае од кога живееле во децата, но и во секој друг возрасен што во себе сѐ уште ги носи детето и детството“.

За Горјан Петревски, пак, во творештво на Алачки „мудроста и умеењето – прават чудо“.
– Во светот на Димитар Алачки, по професија доктор по медицина, живее вдахновен литерат, би рекол роден поет за деца и за млади. Низ средбите и разговорите со него, ќе рече, песните ги пишувал „по потреба“, кога неговите ќерки, а сега неговите внуци растеле, па на тој начин и ги забавувал и ги воспитувал, не само нив, ами бездруго и себеси.

Негов фах и специјалност се афоризмите, па, оттука, и афористичноста и во неговата поезија е наменета за најмладите читатели. Но, бездруго, медицината и одговорноста во неа очигледно преовладувале и затоа зад себе не го реализирал и не го оставил оној опус каде што би доминирал и со што би пополнил видлива празнина во литературата за деца и млади.Таков е доктор Димитар Алачки, духовит и досетлив, мудар и афористичен и во првата своја стихозбирка „Нешто ме чуди“, како и во втората „Таинствен сликар“, но многу „почуден“, и во оваа најнова, загатливо именувана „Тајни“ – напиша Петревски.

Тој додава оти читајќи ја последната стихозбирка „Тајни“ од Димитар Алачки, издание на „Македонска реч“, збогатена со илустрации на Андреа Петрлик Хусеиновиќ, од песна до песна, подзастанувал, се сепнувал на досетките, но на места и на она што е лирско во неговата поезија, на преубав начин испреплетено едно со друго.
– Преку стихозбирката „Тајни“ авторот нѐ насмевнува и забавува, но и нѐ подзамислува и нѐ става пред загатка, да го воспее детството и детето во нас, ако сме имале среќа и радост да ги задржиме во себе – посочи писателот Горјан Петревски.
Очекуваме во иднина уште многу книги од овој автор, кој несомнено лекува и со своите стихови и рими.


Необично бегство

Во нашето училиште,
се случи чудо,
можеби ова
ќе ви звучи лудо,
но моравме нешто
бргу да сториме,
свикавме состанок – да се договориме…
Сите петки
од дневникот на второ –
побегнале и еве ги
шетаат низ дворот.
Што да ви кажам –
невидена глетка,
низ целиот двор само –
петка до петка!
Во училницата –
дневникот тажен
преполн со двојки,
зар да се прави важен?
А петките беа
заслужени, цврсти,
со една единица
избегале на прсти.
За среќа, мошне брзо-
грешката си ја сфатија,
единицата остана во дворот
а тие се вратија.

Од збирката „Тајни“ на Димитар Алачки,
издание на „Македонска реч“