Разговорите меѓу Путин и Трамп се од интерес на целиот свет, велат советниците на двајцата претседатели

Сирија, Украина, договорите за контрола на оружјето, наводното руско мешање и можноста Русија да се врати во Г8 се само некои од прашањата за кои ќе разговараат лидерите на САД и на Русија

Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин ќе го одржат својот прв официјален самит на 16 јули во Хелсинки, обелоденија вчера истовремено Белата куќа и Кремљ. Двајцата лидери ќе сретнат и ќе разговараат наспроти критиките во САД бидејќи таквата средба е во национален интерес на САД, изјави претходно советникот на Трамп за национална безбедност Џон Болтон при посетата во Москва.
Болтон, кој беше во Русија да ги договори подготовките за самитот меѓу Трамп и Путин, се сретна со рускиот претседател и рече дека двајцата лидери се согласни дека самитот ќе ги подобри односите помеѓу двете земји.

– Наспроти целата политичка бучава во САД директната комуникација меѓу Трамп и Путин е во најдобар интерес на нашата земја – рече Болтон.
Тој ги отфрли обвинувањата за руско мешање во американските претседателски избори во 2016 година и тврдењата дека Трамп влегол во Белата куќа со помош од Путин, нарекувајќи ги „целосна бесмислица“. Според него, Трамп и Путин ќе разговараат за цела низа прашања кога ќе се сретнат, како на пример договорите за контрола на оружјето, наводното руско мешање, можноста Русија да се врати во Г8, Украина, Сирија.
Болтон, кој важи за јастреб, на прес-конференцијата во Москва ги избегнуваше провокативните прашања и забелешки, како на пример острите ставови против Русија во неговите статии. Тој рече дека не ги коментира неговите минати ставови и нагласи дека сега е вработен како советник на Трамп и целосно е фокусиран на промовирање на агендата на претседателот на САД.

Советникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков завчера за РИА Новости изјави дека Русија и САД успеале да ги договорат датумот и времето за средбата меѓу Путин и Трамп. Тој посочи дека разговорите меѓу двајцата лидери би можеле да траат „неколку часа“ и дека по нив ќе следува заедничка прес-конференција. Исто така планирани се и работен појадок и други протоколарни настани. Советникот на рускиот претседател најавената средба ја нарече „најважниот меѓународен настан летово“, оценувајќи дека таа е од клучно значење за двете земји и за целиот свет. Претходно, западните медиуми шпекулираа за Хелсинки, Финска, или за Виена, Австрија, како можни локации за самитот . Блумберг објави дека Трамп и Путин би можеле да се сретнат за време на посетата на американскиот претседател на Европа и тоа поради самитот на НАТО на 11-12 јули во Брисел или по посетата на Трамп на Британија на 13 јули. Двајцата лидери лани се сретнаа двапати, на самитот Г20 во Германија и на самитот на АПЕК во Виетнам.


Европа e нервозна

Ако Трамп со Путин го употреби истото сценарио како со Ким во Сингапур, тоа навистина ќе загрижи многу Европејци, пишува Билт

По шоуто што во Сингапур го приредија претседателот на САД Доналд Трамп и лидерот на Северна Кореја Ким Јонг-ун, сега светот ќе може да ја види претставата во која ѕвезди се Трамп и рускиот претседател Владимир Путин. Гледајќи го тоа што се случи во Сингапур, многу Европејци се нервозни, пишува во колумна за „Вашингтон пост“ бившиот шведски премиер Карл Билт.
Ако Трамп го употреби сценариото од Сингапур, тоа би било навистина загрижувачко за многу Европејци, смета тој.

– Тогаш ќе можеме да чуеме дека Путин е човек што го сака народот на Русија, дека вистински може да му се верува, дека двајцата водачи ќе изградат прекрасен однос и дека пред нас се среќни денови. Трамп дури би можел да нафрли и дека има добри плажи каде што може да се изградат добри станови. Човекови права? Па, тие се прекршуваат на многу места во светот. Крим? За тоа не е виновен Путин туку претходниот претседател на САД Барак Обама. И онака таму сите зборуваат руски, како што му е кажано на Трамп. Исто како и во Белорусија и во голем дел од Казахстан – пишува Билт.
Според него, ако Трамп го следи сингапурското сценарио, очигледно воените вежби на НАТО во Европа се „провокативни“ и треба да се завршат. Даночните обврзници на САД ќе заштедат пари, а Германците треба да престанат да продаваат автомобили и да се фокусираат на тенкови.
Путин, вели Билт, е итар лидер, кој ќе нафрли некој збор за тоа како Трамп е голем водач, дека суверените држави имаат право да го прават тоа што го сакаат, како и дека е потребна контрола на границите.

– Се надевам дека ова кошмарно сценарио никогаш нема да се оствари. Има вистински прашања што треба да се решат. САД треба да продолжат да ја поддржуваат обновата на суверенитетот на Украина преку вистинска преодна администрација на УН во источниот регион Донбас и не треба да ја прифатат агресијата врз Крим. Исто така, треба цврсто да бараат вистински мировен процес и вистинска транзиција во Сирија; да поведат дијалог за стратегиска стабилност, што би можел да го отвори патот за понатамошно намалување на нуклеарното оружје и треба да цврсто да останат на своите обврски кон НАТО и кон другите членки. Се надевам дека самитот меѓу Трамп и Русија ќе има за цел да ги брани интересот и вредностите на Западот. Но, деновиве, кој знае? Затоа Европа е нервозна – заклучува Билт.