Во вчерашното издание на весникот ја третиравме иницијативата на дванаесеттемина пратеници за измена на актуелниот изборен законик и воведување една изборна единица и отворени листи преку призмата на нејзините предлагачи, односно низ политичко-партиска диоптрија. Во денешниот број ги соочуваме ставовите за оваа иницијатива на аналитичарите и експертската јавност
За успешно спроведување одредена идеја, многу често од пресудна важност е изборот на вистинскиот временски период кога ќе биде изложена иницијативата. Тоа е особено важно во политиката, каде што покрај процената на условите за реализација на идејата, треба да се внимава и на запазување на процедуралните рокови. Иницијативата на дванаесеттемина пратеници за промена на изборниот концепт од шест на една изборна единица, од стручната јавност е оценета како временски соодветна, бидејќи реалните процени се дека наредните парламентарни избори во Македонија нема да се одржат порано од шест месеци до една година. А токму толкав временски период е доволен за функционална имплементација на евентуални измени во Изборниот законик.
Претставниците од помалите парламентарни партии, кои се главно во коалиција со некоја од големите партии, и еден независен пратеник ја поднесоа иницијативата, но со оглед на актуелната поставеност на парламентарниот состав, јасно е дека одлучувачка улога за нејзино усвојување и спроведување имаат големите партии. Таквата реалност го наметнува прашањето колку едната изборна единица со пропорционален изборен модел им одговара на големите партии.
– Се слушаат гласини, СДСМ е за, но ДУИ била против. И обратно, за ДУИ не е проблем, но СДСМ е против. Па, заедно викаат „ние сме за, но ВМРО ДПМНЕ е против“, со што не е предметна таа расправа. Има премолчано правило, изборниот модел да се донесе со консензус помеѓу „најголемите“. Сето ова не држи вода. Ова не е аргумент за или против. Ова се обични калкулации. Во суштина, секоја политичка партија, врз база на изборни резултати од претходни години, пресметува што добива, а што губи доколку се воспостави решение за една изборна единица. Мое мислење е дека во случај на една изборна единица најмногу добиваат големите партии. Зошто? Во случај како досега, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ „фрлаат во отпад“ десетици илјади гласови, кои се „неупотребливи“ при распределба на мандати од една или друга изборна единица. ДУИ со шест изборни единици губи најмногу. На пример, во третата изборна единица тие „фрлаат“ повеќе од седум илјади гласови. Просто се неупотребливи. Со ова сакам да кажам дека е мит нивното мислење дека нешто губат. Напротив, „големите“ добиваат – смета Петар Богојески, политички аналитичар и поранешен заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Аналитичарите главно се едногласни дека концептот на една изборна единица со пропорционален модел се покажал како добра практика за демократизација на изборниот процес, но и на внатрешна демократизација на политичките партии, а сето тоа се одразува и на севкупниот демократски амбиент во општеството.
– Нема дилема дека пропорционалниот изборен модел во една изборна единица им одговара на помалите политички субјекти, кои сега (со шест изборни единици), за да добијат место во парламентот, мора да коалицираат со големите партии. Но успехот на оваа иницијатива многу зависи од изборниот праг. Ако се донесе закон за една изборна единица без праг, многу помали партии ќе си обезбедат место во Собранието, барем со еден пратеник, и ќе добиеме многу шаренолик парламентарен состав. Ако изборниот праг е висок, тоа секако нема да им одговара на малите партии, но на големите партии пак не им одговара да нема цензус. Да бидеме искрени, во Македонија немаме толку зрела демократија, за изборен концепт без цензус. Кога демократија со традиција како Велика Британија има проблеми со парламентот поради изборниот праг, можеме само да замислиме како би било кај нас. За нашите политички услови во овој миг сметам дека најсоодветна опција е една изборна единица со изборен праг, кој реално ќе ја отсликува тежината на гласот – вели Александар Новаковски, поранешен претседател на Државната изборна комисија.
Новаковски смета дека со ваквиот модел ќе се открие и релевантноста на помалите партии, која е тешко мерлива кога се во коалиција. Тоа е добро и за големите партии, зашто така не мора веќе да бидат уценувани при правењето на коалициите. Сепак, тој смета дека за вистинска демократизација, на овој концепт треба да се додадат и отворените изборни листи, со кои ќе им се измерат силите не само на кандидатите од помалите партии туку и на кандидатите внатре во партијата.
– Главните политички дебати и борба за место на кандидатските листи, во стандардните демократии се водат токму во партиите. Така, во парламентите доаѓаат кандидати со проверени, или барем познати на јавноста (и на партијата секако) политички ставови и принципи, кои ги спроведуваат или бранат таму – вели Александар Новаковски.
Сепак, во експертската јавна дебата постои и скептицизам за реалноста за спроведување на иницијативата за една изборна единица.
Професорот на Правниот факултет на УКИМ, Ненад Марковиќ, е скептичен. Тој смета дека без голем притисок, големите партии би се откажале од сегашниот монопол на политичката сцена и би дозволиле промена на изборниот модел. Дополнително, големите партии на Албанците веројатно би се спротивставиле на ваквата промена, затоа што поради малиот одзив во албанските средини, во една изборна единица би освоиле помалку пратеници.
– Веројатно нема да им одговара и веројатно ќе има некаков отпор, кој, претпоставувам, ќе се комбинира и со отпорот на двете најголеми македонски партии. Затоа и не сум некој оптимист дека ќе се случи ова. Ако се случи, ќе се случи веројатно под некаков голем притисок и под можноста да се формираат предизборни коалиции за да се неутрализира опасноста малите партии да земаат гласови, ама на албанските партии сигурно нема да им одговара. Не би лицитирале тие со помал број пратеници во Собранието, така ја губат политичката моќ. Затоа не гледам дека ова со една изборна единица ќе се случи некогаш воопшто – вели Марковиќ.