На отворањето вечерва ќе бидат прикажани краткиот филм „Вај-фај Плаза Куба“ на Андријан Келтерборн и долгометражниот документарец за мачките во Истанбул, со наслов „Кеди“ на Цејда Корун
Деветтото издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ почнува денеска и ќе трае до 23 август во „Куршумли-ан“, на платото пред Музејот на Македонија и во Музејот на современата уметност. Фестивалот ќе донесе пресек на најновото и најкреативното во документарната кинематографија сместено во повеќе програмски сегменти: нови автори, кратки документарци, студентска програма и две програми за деца и млади. Ќе бидат прикажани седумдесетина филма, ќе бидат присутни исто толку гости, а филмовите ќе се натпреваруваат за наградите „кромид“ за најдобар филм во главната програма, „млад кромид“ за нов автор, „кокарче“ за студентски филм, „сечкан кромид“ за краток филм, а сите влегуваат во конкуренција за наградата за филм со најдобри етички идеи.
– Годинава ќе имаме филмови од многу земји бидејќи ќе ни дојдат гости од Индија до Исланд. Додадовме еден ден плус и фестивалот ќе се одвива во осум денови – рече Петра Селишкар, селекторка на главната програма, која истакна дека годинава многу силна ќе биде селекцијата на нови автори.
На отворањето вечерва ќе бидат прикажани краткиот филм „Вај-фај Плаза Куба“ на Андријан Келтерборн и долгометражниот документарец за мачките во Истанбул, со наслов „Кеди“ на Цејда Корун. По филмската програма на отворањето ќе следува концерт на „Џими Барка Експириенс“. На отворањето првпат во Македонија ќе биде отворена раритетна изложба со фотографии изработени со колодиумски процес на Сашо Н. Алушевски, кој ги портретираше членовите на екипата на „Македокс“.
Мотото на деветтото издание е „Реалноста режира, ние правиме филмови“ со што тематскиот фокус на фестивалот е ставен на режијата во документарниот филм, а ќе се одржат и две филмски работилници во МСУ на оваа тема.
Во светот на режирањето реалност ќе нè воведе Пирјо Хонкасало од Финска, признаена и многупати наградувана режисерка и сценаристка на документарни филмови, која и е првата финска филмаџика што снимила игран филм. На втората работилница „Режирање реалност“ на Војцех Старон од Полска учесниците ќе учат како да разговараат со публиката користејќи подвижни слики и едноставност. Старон е полски снимател и режисер на документарни филмови, кој студирал на престижната филмска школа во Лоѓ. Тој ќе биде дел и од серијата настани поврзани со земјата во фокус – Полска. Со наслов „Полска во срцето“ на фестивалот ќе бидат прикажани 12 документарци од современата полска филмска продукција.
– Денес, сржта на полската кинематографија ја сочинуваат документарните филмови. Во 2017 г. беа продуцирани околу четириесетина документарци, кои добија престижни филмски награди и беа прикажани на најважните филмски фестивали низ светот, во Амстердам, Лајпциг, Локарно, Варшава… А полскиот документарец „Причест“ на режисерката Ана Замецка, ја освои Европската награда за најдобар документарен филм – нагласи селекторката на програмата „Земја во фокус“, Петрула Вељановска.
На „Македокс“ ќе се реализира и фотографска работилница за таканаречениот „мокар колодиумски процес“, постапка што во фотографските кругови е позната како „мокра плоча“, со која им се навраќаме на старите фототехнологии. Предавачи се Сашо Н. Алушевски, фотограф, и Предраг Узелац, соработник и асистент на Академијата за уметности во Нови Сад.
Отворањето на студентската програма на 18 август ќе се случи на платото пред Музејот на Македонија со пладневниот пикник заедно со „Синестетика“, на кој млади уметници ќе ги продаваат своите ракотворби. Филмската програма содржи 13 документарни филма.
– Веќе трета година имаме студентска програма. Годинава имаме филмови што не се студентски испити, туку зрели студентски филмови што своите премиери ги имале на значајни филмски фестивали, а некои од филмовите својата интернационална премиера ќе ја имаат тука, за што сме особено горди, бидејќи нашиот фестивал добива сѐ поголемо значење во меѓународни рамки – истакна селекторот на програмата, Дарко Набаков.