Најновиот систем за прочистување значително ќе ја намали емисијата на штетните издувни гасови, а дизел-моторите повторно ќе станат атрактивни на пазарите
Дизел-автомобилите се спасени – тоа го тврди германската компанија „Бош“, еден од најголемите произведувачи на уреди и делови за автомобили во светот. Германскиот гигант, кој во моментов има околу 402 илјади вработени, претстави револуционерен систем за прочистување штетни издувни гасови кај дизел-автомобилите. Овој систем ќе овозможи еден вид „револуција“ кај возилата со овој вид мотори и ќе ја намали емисијата на озлогласените оксиди на ниво што е 10 пати помало од ограничувањето, кое ќе стапи во сила 2020 година.
Оваа вест доаѓа како големо олеснување за германските произведувачи на автомобили чија главна продажба се темели на возила со дизел-мотори. Една од најголемите компании поради мамење на тестовите за издувни гасови се соочи со милионски санкции, а со потенцијалната забрана на дизел-автомобилите во центрите на централните германски градови и општата кампања против овој тип возила како еколошки неприфатливи, произведувачите веќе изгубија милијарди евра. Дополнително, германската автоиндустрија поради скапиот развој на алтернативни начини на погонување на возилата во која заостанува зад компаниите од Јапонија, изгуби уште повеќе пари. Како потсетување, еден од најголемите автопроизведувачи од Германија мораше да исплати повеќе од 30 милијарди долари казни и отштета во врска со аферата „Дизелгејт“, а на паркинзите во светот веќе подолго стојат десетици илјади вратени дизел-автомобили.
Главниот извршен директор на „Бош“, Волкмар Денер смета дека дизел-моторите имаат светла иднина. Тој изјави дека неговата компанија ќе го стави крајот на дебатата за тоа дека дизел-технологијата „пропаѓа“, бидејќи со новиот систем за прочистување вграден во моторот, возилата ќе имаат многу ниски емисии на издувни гасови, а цената ќе остане поволна како и претходно. Денер верува дека дизел-моторите и понатаму ќе имаат важна улога во авто-мото индустријата и нагласува дека сè додека електричните автомобили целосно ги немаат преземено масовните автомобилски пазари, неопходни се високоефикасни мотори со внатрешно согорување.
Конкретно, новата дизел-технологија на „Бош“ се темели на два главни елемента.
Едниот елемент е нов турбополнач што има приспособлив систем на управување на воздухот во моторот, кој реагира побрзо и ги рециклира гасовите, а другиот е менаџирањето со топлината. За да биде оптимално прочистувањето на издувните гасови, температурата на истите тие мора да изнесува повеќе од 200 Целзиусови степени, што новиот систем ќе може да го реализира дури и при возење во град, и тоа без поставување на грејач од 48 волти. Според законите на Европската Унија, личните автомобили е дозволено да емитуваат 168 милиграми издувни гасови по километар, а до 2020 година, таа дозволена граница е ќе се намали на 120 милиграми. Новите дизел-мотори, со помош на новата технологија на „Бош“, денес емитуваат само 13 милиграми издувни гасови на километар, според стандардни циклуси при реално возење. Во таа насока одат и изјавите на повеќе челни луѓе на големите произведувачи на автомобили од Германија, но и неколку јапонски, кои истакнаа дека нема да прекинат со произведување дизел-мотори.
Колку за потсетување, дизел-автомобилите емитуваат помало количество јаглерод диоксид од бензинските мотори и во таа смисла се поповолни за глобалната екологија, но проблемот се состои во тоа што составот на издувните гасови може да предизвика сериозни последици по здравјето на луѓето. Останува отворено прашањето во врска со спорните дизел-автомобили со норми евро 5, кои се произведуваа до 2015 година, кои дефинитивно ќе отидат во историјата, бидејќи нивното приспособување воопшто не се исплати, а во Германија се отвора пат за нивно забранување во најзагадените делови на поголемите градови.