Фото: Игор Бансколиев

Популарниот „брод“ е целосно оштетен и небезбеден за користење и рекреација на најмладите. Од таа причина, целосно ќе се демонтираат реквизитите и во текот на април ќе бидат поставени нови. Ги повикуваме родителите, кои најчесто ја посетуваат оваа зона со своите деца, привремено, додека траат изведбените активности, да не се рекреираат во овој дел од Карпош, информираа локалните власти, од каде што потврдуваат дека имаат доста голем проблем со оштетувањето на детските игралишта

КАКО ДА СЕ СПРЕЧИ УНИШТУВАЊЕТО НА УРБАНИТЕ РЕКВИЗИТИ ЗА НАЈМАЛИТЕ

Еден од најголемите проблеми на главниот град, освен депониите, е оштетувањето на поставената урбана опрема, особено на онаа наменета за најмалите. Уништувањето на детските игралишта е една од лошите практики, кои минаа во навика на жителите на главниот град, а зошто е тоа така, никој со сигурност не може да каже. Па, така, на многу локации и во многу општини низ градот каде што има детски игралишта, за жал, има реквизити што се целосно неупотребливи, бидејќи се оштетени и искршени. Разочараните детски лица се честа слика поради тоа, бидејќи од далеку реквизитите се гледаат, но кога ќе дојдат до нив, најчесто забележуваат дека тие се неупотребливи и не можат да се забавуваат на нив.

ДЕТСКИТЕ ЛУЛАШКИ МАГНЕТ ЗА ВАНДАЛСКО ОДНЕСУВАЊЕ

Вандалското однесување е непресушна тема за која „Нова Македонија“ постојано пишува, апелира, предупредува… Независно дали станува за создавање нови депонии или, пак, за крадење садници и кршење канти за отпадоци или клупи, тоа е доста сериозен проблем што им причинува големи главоболки на градските и на локалните власти.
Од Градот во неколку наврати ни нагласија дека вандализмот е доста голем проблем, кој од градската каса црпи мошне висока квота финансиски средства.
Ништо подобра не е ниту ситуацијата со локациите што спаѓаат во општинска надлежност. Уништувањето на сѐ што е поставено негативно се одразува и на буџетите на општините, кои наместо тие финансиски средства да ги насочат кон изградба на нови игралишта, мора да ги потрошат за реконструкција на постојните реквизити.
За граѓаните што имаат мали деца, за кои всушност и се наменети игралиштата, ваквата состојба е постојана и непроменета.
– Не можам да коментирам лошо ниту за локалната, ниту за градската власт. Штом нешто е искршено, откако ќе пријавиме, во најбрзо време доаѓаат екипи и ги средуваат и поправаат реквизитите. Проблемот е што постојано се оштетуваат и кршат. За жал, ваквото однесување доаѓа од постари малолетници, кои некогаш исто така се забавувале на овие игралишта. Не знам која е причината за ваквото нивно однесување, но се надевам дека ќе се вразумат и дека наместо да уништуваат, ќе прават нешто корисно и за себе и за другите – вели Андријана Димовска.

ПОСТОЈАНО СЕ ПОСТАВУВААТ НОВИ И СЕ РЕКОНСТРУИРААТ СТАРИТЕ И ОШТЕТЕНИ ДЕТСКИ ИГРАЛИШТА

Во Општина Карпош, пак, започна отстранувањето на оштетените и дотраени реквизити од детското игралиште спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“, во урбаната заедница Пецо Божиновски-Кочо.
– Популарниот „брод“ е целосно оштетен и небезбеден за користење и рекреација на најмладите. Од таа причина, целосно ќе се демонтираат реквизитите и во текот на април ќе бидат поставени нови. Ги повикуваме родителите, кои најчесто ја посетуваат оваа зона со своите деца, привремено, додека траат изведбените активности, да не се рекреираат во овој дел од Карпош – информираа локалните власти.
Оттаму додаваат дека како локална самоуправа продолжуваат со тековното унапредување на инфраструктурата за најмладите.
– Во изминатиот период беа реконструирани и детските игралишта во Влае 2, во Жданец, во Козле (на ул. Јуриј Гагарин), во Карпош 4 (по должината на ул. Никола Парапунов) и други – велат оттаму.
Општинските власти исто така апелираат граѓаните правилно и одговорно да ја користат урбаната опрема (реквизити, клупи и канти за отпадоци).

[email protected]