Високиот севернокорејски официјален претставник Ким Јонг-чол пристигна во Њујорк на разговори за можниот самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун. Ким Јонг-чол е претседател на ЦК на владејачката Работничка партија на Северна Кореја и на аеродромот „Ленеди“ пристигна со лет од Пекинг.

Ким ќе има средба со шефот на американската дипломатија Мајк Помпео за да разговараат за тоа дали состанокот меѓу Трамп и Ким треба да се одржи. Самитот на лидери на САД и на Северна Кореја е планиран за 12 јуни во Сингапур, но одржувањето и понатаму е неизвесно.
Во меѓувреме, командантот на американските пацифички сили, кој ја напушта функцијата, адмирал Хари Харис предупреди дека Северна Кореја е најдиректна закана за САД.

– Северна Кореја и понатаму е нашата најнепосредна закана. Северна Кореја со нуклеарни ракети што може да стигнат до САД е неприфатлива – порача Харис.
Адмиралот додаде дека Кина, без активно учество на САД и сојузниците, ќе го реализира својот сон за хегемонија во Азија.
– Би требало да соработуваме со Пекинг каде што можеме, но мора да бидеме подготвени со нив да се соочиме таму каде што мораме – истакна Харис.
Од оваа функција Харис заминува на позицијата амбасадор на САД во Јужна Кореја.


Лавров се сретна со севернокорејскиот лидер

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера имаше средба со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун. Лавров претходно во Пјонгјанг имаше средба со неговиот севернокорејски колега Ри Јонг-хо.
– Решавањето на прашањето за нуклеарната програма на Корејскиот Полуостров не може да биде целосно ако не се укинат санкциите кон Пјонгјанг – порача Лавров по средбата со Ри.
Лавров наведе дека преговарачите треба да пронајдат решение за денуклеаризација и смета дека тоа не може да биде направено во еден чекор.
– Невозможно е во еден чекор да се обезбеди денуклеаризација, затоа сигурно треба да има некои фази и да дојде до доближување во секоја од тие фази – заклучи Лавров.