Пролетта е годишно време кога сите ние сакаме широко да ги отвориме прозорците и да уживаме во нашиот чист и мирислив дом. Доколку сте едни од оние што го одложувале сезонското чистење на домот, тогаш денеска ви ги издвојуваме најдобрите совети за една таква работна акција. Некои од нив бараат повеќе време, но нека не ве обесхрабрува тоа, бидејќи на крајот вашиот дом ќе заблеска како никогаш досега.
1. Земете ја скалата и почнете да ги освојувате горните полици и фиоки
Многумина го заобиколуваат чистењето на тешкодостапните делови од мебелот, како што се горните полици и фиоки, бидејќи тоа им претставува голем проблем. Доколку им се посветувате еднаш годишно, тогаш одвојте време што ќе го поминете на скалата чистејќи, но и да ги отстраните непотребните предмети. А кога сте веќе горе, не заборавајте со метла да ја исчистите пајажината што привремено се насобира во горните агли од ѕидовите и таванот.
2. Пресметајте се со прашината на ролетните и на завесите
Се сеќавате ли кога последен пат сте ги исчистиле вашите ролетни од прашината и нечистотијата? Не? Тогаш сега е вистинскиот момент да ги средите. Доколку имате доволно време, можете да ги исперете завесите или, пак, да ги однесете на хемиско чистење. Доколку сепак не успеале да се извалкаат, тогаш ви препорачуваме да ги истресете за во следните неколку месеци да не потемнат од насобраната прашина.
3. Нов, свеж изглед за стариот тепих
Потргнете го мебелот и исчистете под него. Доколку имате некаков тепих, тогаш искористете ја оваа можност и добро исчистете го. За таа цел побарајте помош од професионалец што ќе направи вашиот стар тепих да изгледа како нов. Еднаш годишно би требало да му обезбедите на вашиот тепих ваков третман што ќе му донесе свежи и чист изглед.
4. Исчистете ги бактериите од вашиот кревет
Чаршафите, душеците и перниците секојдневно собираат прашина, пот и плунка што може да предизвика насобирање на голем број бактерии. Погрижете се најмалку еднаш годишно темелно да го исчистите креветот од бактериите и од другите микроскопски грозотии што шетаат по него.
5. Заборавени предмети во фотелјата и на каучот
Доколку се одлучите да го исчистите вашиот тапациран мебел, ќе се изненадите од многуте монети, пенкала или разни ситни предмети што ќе ги извлечете од правливите агли на фотелјата ина каучот. Кој вели дека чистењето не може да биде забавно? Доколку со години имате мебел што е тапациран, ќе посакате професионалните чистачи на теписи да ја направат својата магија и во дневната соба, откако ќе ги средат вашите теписи. Подобро вложете во нивното одржување еднаш годишно отколку да морате да купувате нови теписи и фотелји.
6. Миење на прозорците
Миењето на прозорците во текот на сончев пролетен ден претставува навистина добитна комбинација – додека ве милуваат топлите сончеви зраци, вие вежбате, а на крајот можете да уживате во погледот низ совршено чистите прозорци. Не заборавајте додека ги чистите прозорците да ги исчистите и рамките во кои понекогаш може да се насобере доста прашина.
7. Средете го правливиот хаос на полиците за книги
Кога на полиците за книги би стоеле исклучиво книги, тогаш нивното чистење би било лесна задача што би ја решиле во неколку потези. Меѓутоа, тие честопати се затрупани со фигури, фотографии, вази и други предмети, па нивното чистење постојано го одложуваме. Би било добро ситните предмети да ги соберете во некој поголем стаклен сад. На тој начин ќе заштедите време, додека прашината од полиците за книги ќе можете полесно да ја избришете.
8. Непријатното изненадување зад кујнските елементи
Се восхитувате на вашата кујна што блеска? Мислите дека навистина е чиста? Проверете каква е состојбата, на пример, зад фрижидерот и печката или, пак, зад некои други кујнски елементи. Непријатно ќе се изненадите кога ќе забележите што сѐ, освен насобрана прашина и парчиња храна, можете да пронајдете таму. А кога веќе сте го повлекле фрижидерот, одвојте уште некоја минута и исчистете ги намотките на кондензаторот од прашината, за тој да работи поефикасно и да троши помалку енергија.
9. Темелно внатрешно миење на домашните апарати
Пролетното чистење е одлична можност за да ги исчистите вашите домашни апарати, а во првиот ред спаѓаат фрижидерот, печката и машината за садови. Само внимавајте додека ги чистите фрижидерот или замрзнувачот – сместете ја целата храна во некој поголем сад со мраз, за да не се одмрзне и расипе. Непријатните мириси најдобро ќе ги отстраните со вода во која ќе додадете оцет. Машината за садови најдобро ќе ја исчистите од тврдокорниот бигор така што ќе ја вклучите празна и ќе ставите во неа еден филџан оцет. Тоа е наедно и една од најлесните задачи на листата со активности од вашето пролетно чистење, па затоа немојте да ја прескокнете.
10. Не заборавајте на подрумот
Барем еднаш годишно прегледајте го рокот на траење на сите намирници што се наоѓаат во вашиот подрум. Отстранете ги од полицата сите оние пакувања на кои им истекол рокот и избришете ги полиците. Ќе се изненадите кога ќе откриете колку храна ви пропаднала само затоа што сте биле зафатени и заборавени. Нека биде ова вашата мотивација за подобро редење на храната во подрумот.