Почитуван дедо,
Одамна се немаме видено. Откако си заминав од дома. Студиите по хемија се одвиваат напорно и многу време посветувам на нив, за да ја завршам успешно годината. Мене искрено ми недостигаат прошетките низ градот, експериментите што ги правевме дома како и многу други работи на кои со задоволство се сеќавам.
Овде е здодевно и нема што да се прави во слободното време. Интернетот е слаб, што значи дека би ми било потешко да искомуницирам со тебе на тој начин, но сепак редовно ќе праќам вакви писма, за да бидеме во контакт.

Имено, ме облеа копнеж по минатото, носталгија. Се присетив на многу спомени од детството, па и од блиското минато. Кога бев мал, ти ја разгоре мојата желба за науката и за истражувањето на историјата на човештвото и ги поттикна креативноста и љубопитноста во мене. Ми раскажуваше разни приказни, некои тажни, а повеќето радосни, учтиви па дури и трагични. Во кратки црти ти ми ја постави основата да бидам тоа што сум денес. Во тешките моменти на животот успевам да чекорам напред, со твоја помош и со помош на твоите совети, кои се причината никогаш да не губам надеж во работите што ги сакам.
Но, ти беше мудриот човек покрај мене, кој знаеше секој проблем и конфликт да го реши на мирен и уверлив начин. Во секој миг знаеше да го згаснеш чувството на анксиозност во мене и да ме мотивираш да продолжам да чекорам со сигурност и самодоверба. Знаеше да се пошегуваш со мене кога ќе се налутев и да ми измамиш насмевка на лицето, како и да ме опоменеш во моментите кога грешев.

Се сеќавам еднаш кога ми објасни што се тоа вулкани, како еруптираат, како се создаваат и каде ги има. Тоа ме фасцинираше, а посебно кога еднаш и ти самиот ми направи приказ на еден вулкан, со помош на сода бикарбона и оцет – просто бев воодушевен и вчудовиден во исто време. Никогаш нема да заборавам кога ми покажа како работи песочниот часовник и како луѓето го користеле во дамнешни времиња, како и многуте историски факти и приказни што ми ги раскажа за стар Египет, кои подоцна поттикнаа голема љубопитност во мене кон египетската култура.
Особено ми беа возбудливи приказните за случките од твојот живот преку кои извлекував поука за многу работи со кои се соочувам во секојдневието.
Ме внесе и во астрономијата, кога заедно ги набљудувавме ѕвездите преку телескоп во ноќните часови, разните соѕвездија и кога првпат ги видов бујната вселена и месечината од поблиска перспектива. Во тие мигови бев пресреќен и се чувствував како вистински научник и астроном во исто време.

Интересни ми станаа и облаците. Тие веќе не беа само обични бели фигури на синото небо, туку научив дека тоа се сируси, стратуси, циростратуси, кумулонимбуси и ред други, кои заедно ги идентификувавме кој каков е и кој носи невреме, кој дожд, а кој снег. Ме научи и што се торнада и урагани и која е причината за нивното создавање, како и за многуте рудни богатства во планините и земјата и нивните имиња.
Беше подготвен да ми помогнеш со училиштето, особено кога започнав и кога не ми беа јасни буквите, ракописните, а требаше да ги вежбам, да пишувам реченици и да читам текстови. Сето тоа го совладав без никакви проблеми со твојата упорност и времето што ми го посвети.

Интересни беа и Олимписките игри, кои заедно ги гледавме, кога ми раскажуваше кои атлетичари како се викаат, нивното потекло и колку се тие добри во тоа што го прават. Секогаш успешно можеше да погодиш кој ќе го освои златниот медал, а кошаркарските натпревари што ги гледавме заедно беа нешто сосема посебно и возбудливо. Сѐ уште ги гледам, верувам никогаш нема да ми стане здодевно од нив.
Ме запозна и со германскиот јазик, ми покажа безброј именки, глаголи и придавки како се нарекуваат и каде се употребуваат во речениците, а секако и ми ги раскажуваше разните начини на кои го имаш совладано германскиот јазик.
Ми покажа и многу вкусни јадења. Ми покажа што е омлет, како и разни други специјалитети што заедно ги приготвувавме и ме научи како да бидам џентлмен на трпезата и да го почитувам бонтонот во ресторани и дома. Но, шпагетите беа моето омилено јадење што ти ми го приготвуваше и, секако, ме научи и како да си ги зготвам сам. Шпагетите останаа мое омилено јадење.

Во кратки линии, сакав да знаеш дека во животот отсекогаш си ме инспирирал, си ме мотивирал и си ме бодрел за да бидам најдобар и најсилен во секојдневните обврски и за тоа сум ти премногу благодарен и навистина ми значи твојата посветеност, како и љубовта со која си ме исчувал и дружел во поголемиот дел од моето детство, па и сега.
Отсекогаш тебе сум те гледал како пример за еден човек што постигнал многу во својот живот и кариера. Успешен човек што ги посветил своето време и внимание на архитектурата, цртајќи безброј објекти и помагајќи во реконструкцијата на градот по големиот земјотрес, со безброј заслужени, чесно добиени награди и пофалби за развитокот на истата таа, работејќи на своето хоби денови и ноќи, без престан. Една личност полна со ентузијазам кон науката за човештвото, едукацијата и филозофијата. Сево ова ме подучува и ме инспирира да бидам трудољубив и секогаш да си ја барам мојата занимација и да работам на неа, исто како тебе, и секогаш да го постигнам тоа што го сакам и за што сум одлучен.
Овде веќе е доцна навечер и многу сум уморен од напорниот ден. Ми беше радост и гордост да го напишам ова писмо за личноста што е причината за мојата среќа и мотивација, за секојдневно да се будам, знаејќи дека е нов ден и дека ќе имам нови предизвици и постигнувања.
Навистина ми недостига твоето присуство и едвај чекам да дојде одмор, да се вратам дома и да се видиме по толку време.

Твојот сакан внук,
Дамјан

Блажевски Дамјан, деветто одделение во ООУ „Ј.А.Коменски“ – Скопје

(Пофалено писмо на конкурсот на „Поштата на СМ“ во соработка со Сојузот за грижи и воспитување на децата на Македонија, а по иницијатива од Светскиот поштенски сојуз, на темата „Напиши писмо за твојот херој“)