Според некои најави, тоа би биле клупското Светско првенство со 24 тима (сега се игра со седум) и Лига на нациите како замена за сегашниот Куп на конфедерациите
Светската фудбалска федерација (ФИФА) планира да се здружи со инвеститори што наводно се подготвени да вложат 25 милијарди долари во 12-годишен договор за организирање два нови големи турнира, објави „Фајнаншел тајмс“.
Подготовките за претстојното Светско првенство (СП) во Русија достигнуваат кулминација, а претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, сака да промовира проширено клупско Светско првенство (СП) со 24 тима, кое би се одржувало секои четири години, од 2021 година, и посебно глобално натпреварување за националните тимови, пандан на Лигата на нациите (ЛН) на Европската фудбалска унија (УЕФА), на секои две години.
ФИФА планира во текот на идниот месец да одржи специјален состанок, на кој би се разговарало за некои детали околу предложените турнири. Од ФИФА објавија дека во минатите неколку недели имале серија средби со регионални конфедерации, челници на фудбалски федерации, како и со претставници на повеќе водечки светски клубови. Тие велат оти сѐ минало во најдобар ред, како и дека има „апетити“ за нови натпреварувања. ФИФА би имала 51 отсто од акциите во заедничкото вложување со инвеститорите. Во клупското СП моментно играат седум тима, од тоа шест континентални прваци, секој декември. Финансискиот извештај на ФИФА вели дека заработката од изданието во 2017 година изнесувала 37 милиони долари.
Проширеното СП со 48 репрезентации најверојатно ќе го засени непопуларниот Куп на конфедерации, кој моментно служи како загревање за финалниот турнир на СП, а се игра една година пред мундијалот. Тоа значи дека втората иновација, позната како ЛН би требала да го замени непопуларниот Куп на конфедерации, во формат за кој допрва треба да се одлучува. Новите натпреварувања би требало да обезбедат долгорочни приходи за повеќето од 211 земји-членки на ФИФА.
Сепак, проектот најверојатно ќе се соочи со „непријателски“ прием во Европа, од клубовите каде што настапуваат најголемите светски ѕвезди и каде што се најпопуларните клупски натпреварувања. На состанокот на Советот на ФИФА во Колумбија минатиот месец Инфантино наводно изјавил дека понудата од инвеститорите што тој одбил да ги идентификува ќе била отворена 60 дена. ФИФА предлага проширено клупско СП со 24 тима, од кои најмалку 12 би биле од Европа, почнувајќи од јуни или од јули 2021 година.
Според информациите, ФИФА инсистира дека ќе нема финансиска добивка од новите натпреварувања, односно по покривањето на трошоците сите пари ќе им ги распредели на конфедерациите и на фудбалските федерации.