Испаѓа дека за Сервантес секогаш пишувам во Шпанија. Можеби затоа што кога налето одам таму, во посета на ќерките, меѓу книгите за (препро)чит(ув)ање земам и некоја од овој ненадминат раскажувач. А можеби поради богатата звучност на шпанскиот што ме преплавува медитерански шумно, топло, заведувачки. Едно претходно лето, уживав во чудесните авантури на ослободениот фантазер – витезот од Ла Манча, годинава со себе го понесов изборот од „Примерните новели“, преведен со нијансирано чувство на хрватски од Јосип Табак и објавен во 1949 г., во издание на Ново Покољење, младинско книгоиздателство со седиште во Загреб и во Белград.
На насловницата на преведениот избор е репродуциран можниот портрет на Сервантес (од сликарот од Севилја и преведувачот на Тасовата „Аминта“ Хуан де Џауреги и Агилар), кој во предговорот на збирката, самопотсмешливо, се опишува: „Човекот што го гледате, со ова долго лице, со кафена коса, рамно и ведро чело, со подгрбавен, но складен нос, со сребрена брада (а не минаа ни дваесет години откако му беше златна), со долги мустаќи, малечка уста, со слаби заби (ги има вкупно шест, а и тие се во лоша состојба и уште полошо сместени, зашто се појавуваат прилично далеку еден од друг), тој човек, ни висок, ни низок, туку некако по средина, со свежа боја, повеќе светла отколку темна, нешто подвиен во грбот и со не толку лесен чекор – тоа ви е писателот на ’Галатеја‘ и ’Дон Кихот од Манча‘…“. Инаку на портретот, Сервантес е насликан со затворена уста, значи ретките заби не се гледаат. Но типично сервантовски, неговата спонтана ненаметлива духовитост, во која во своевидна симбиоза се преплетуваат народниот хумор на Санчо и отменоста на Дон Кихот, избива од секоја негова напишана страница. Споредена со духовитоста на другите двајца ренесансни големци на европската проза, разиграниот, жив хумор на Бокачо (1313-1375) и гласната вулгарна и гротескна смеа на Рабле (1494-1523), неусилената, спонтана дарба на Сервантес кон духовити ефекти што избива од неговите описи и дијалози и што и кај денешниот читател се исчекува со насмевка, е навистина народна и отмена!
„Примерните новели“ („Novelas ejemplares“) се објавени 1613-та во Мадрид, кога Сервантес имал 66 години (колку и јас додека ја бележам оваа читателска импресија, иако со повеќе преостанати заби), остарен истоштен и сиромашен, но авторски извонредно моќен, штом во тие животно скудни години можел да ги заврши вториот дел на „Дон Кихот“, „Примерните новели“, „Патот за Парнас“, осум нови комедии и меѓуигри и „Згодите и незгодите на Персил и Сигизмунда“. Ретко може да се најде творец како Сервантес, кој тукуречи до последниот здив на својот земен живот создава врвни дела. Можеби „За движењето на небесните топки“ на Никола Коперник револуционерно дело во развојот на човековата мисла што авторот, според легендата, го видел отпечатено на денот на својата смрт, или незавршениот Моцартов Реквием. Можеби и Монтењ, Гете, Достоевски… Во современата литературна доба, на таква доживотна младешка жед асоцираат „Феликс Крул“ на Ман или „Паломар“ на Калвино.
Во изборот се застапени пет новели: „Љубоморникот од Естрамадура“, „Лиценцијатот Стакленко“, „Крепосната садоперка“, „Измамениот младоженец“ и „Ринконете и Кортадиљо“.
(продолжува)