На новата карта на вселената има 300 нови галаксии, а при реализацијата е користен телескоп што може да детектира извори на светлината што оптичките инструменти не можат да ги видат
Вселената што досега ја знаевме стана многу поголема. Новата карта на ноќното небо, објавена неодамна, исцрта стотина илјади претходно непознати галаксии, откриени со користење телескоп што може да детектира извори на светлина што оптичките инструменти не можат да ги видат. Експертите на Меѓународното здружение на астрономи, кое стои зад овој проект, тврдат дека нивното откритие буквално фрла нова светлина на најдлабоките тајни на вселената, вклучувајќи ги и црните дупки и развојот на галаксиите.
– Ова е нов прозорец во вселената. Кога ги видовме првите снимки се запрашавме што е ова, бидејќи претходно немавме видено нешто слично – вели Сирил Тејс, астроном од Париската опсерваторија.
Над 200 астрономи од 18 држави биле вклучени во студијата, во чии рамки со радиоастрономија се прегледувало небото над северната Земјина полутопка и биле откриени 300.000 извори на светлина, а за некои од нив се смета дека се нови галаксии.
Радиоастрономијата им овозможува на научниците да ја истражуваат вселената преку радиобранови и да детектираат радијација, што се произведува при интеракција на големите небесни објекти. Екипата стационирана во Холандија користела телескоп со ниска фреквенција (ЛОФАР), за да ги собере трагите на дамнешната радијација создадена при соединувањето на галаксиите. Тие траги можат да се шират во текот на милиони светлосни години. Откривањето на новите извори на светлина би можело да им помогне на научниците подобро да го разберат однесувањето на еден од најзагадочните феномени на космосот – црните дупки.
Тие имаат толку силна гравитациона сила што ни прашинка не може да им избега, а емитираат радијација кога ќе „проголтаат“ други големи објекти, како што се ѕвездите.
Научникот Сирил Тејс вели дека новата техника ќе им помогне на астрономите да ги споредат црните дупки и да утврдат како се формираат и развиваат.
– Ако гледате активна црна дупка, трагите на радијација исчезнуваат во текот на милион години и нема да можете да ги забележите на повисока фреквенција на светлината. Но на пониска можат да се забележат многу постари електрони – објасни Тејс.
Снимките што ги направи телескопот „Хабл“ ги уверија научниците дека вселената има над 100 милијарди галаксии, иако некои се премногу стари и многу далечни за да можат да се детектираат со традиционалните техники.
Картата што е направена благодарение на ЛОФАР и делумно објавена во списанието „Астрономија и астрофизика“ содржи само 2 проценти од видливото небо.
ЛОФАР е составен од европска мрежа на радиоантени, која се протега над седум држави, со што формира еквивалент на сателитска чинија со размер од 1.300 километри.
– Најстарите објекти во вселената се стари околу 12 милијарди светлосни години. Очекувам дека наскоро ќе можеме да видиме некои од нив – заклучи астрономот Сирил Тејс.