Уникатна можност да проследат неколку наслови од филмската класика филмофилите ќе имаат во паркот на Кинотеката, со почеток во 20 часот. Со проекцијата на неколку странски и еден домашен филм под отворено небо, на класичните формати 16 мм и 35 мм, Кинотеката нуди можност да се потсетиме на киноатмосферата за време на летните периоди во Скопје, каде што пред неколку децении постоеле неколку летни кина под отворено небо. Влезот на проекциите е бесплатен, а посетителите на настанот ќе можат да уживаат во избор од домашни пива.
На ретрокиното ќе бидат прикажани филмовите на браќата Лимиер – документарни филмови од Франција од 1895 година. Изумителите на направата „кинематограф“ пред 120 љубопитни гледачи во „Гран кафе“ првпат јавно прикажале десетина кратки филма. Ќе биде прикажан и „Патување до Месечината“ (игран филм, Франција, 1902 година) во режија на Жорж Мелиес, според новелите на Жил Верн и Х.Г. Велс.
– Ако филмовите на браќата Лимиер се сметаат за никулци на документаристиката во филмот, тогаш „Патување до Месечината“ е родоначалник на играниот род. Сторијата на фантастичната авантура на Мелиес говори за група астрономи што организираат патување до Месечината. Нивното вселенско летало е катапултирано со помош на голем топ и тоа слетува на површината на Месечината. Астрономите се грабнати од жителите на Месечината, меѓутоа тие успеваат да побегнат и да се вратат на Земјата. Притоа, бркајќи ги бегалците, еден жител на Месечината успева да го фати вселенското летало, така што и тој пристигнува на Земјата. По враќањето, астрономите организираат парада… – најавуваат од Кинотеката.
Публиката ќе го види и „Кабинетот на доктор Калгари“ (Германија, 1920 година), во режија на Роберт Вине, со Вернер Краус, Конрад Вајд, Фридрих Фехер, Лил Даговер, Ханс Хајнрих фон Твардовски во главните улоги. Потоа на програмата е „Македонска крвава свадба“ од 1967 година, во режија на Трајче Попов, а по сценарио на Славко Јаневски (според драмата на Војдан Чернодрински). Улоги: Драги Костовски, Драгомир Фелба, Јанез Врховец, Коле Ангеловски, Павле Вуисиќ, Петре Прличко, Ристо Шишков, Вера Чукиќ, Зафир Хаџиманов.