Грција не ни ги дала ниту името ниту државата

Во повеќе пригоди Република Македонија, од самиот нејзин почеток на отворањето на процесот на своето меѓународно признавање, се определи до него да дојде преку соработка и проактивен однос со меѓународните институции (првично со оние од Европската заедница, а потоа и оние од ОН). Но, и повеќе од тоа. Имено, таа (Република Македонија) условена, на некој начин, од оваа определба (повторувам) прифати процесот на нејзиното признавање во својата конечна форма да се оствари преку преговарање, посредувано од Обединетите нации. Во рамките на ова посредување, дојде до склучување и на познатата Привремена спогодба од 1995 година. Со неа, изложивме во претходното поглавје (2) беа апсолвирани повеќе отворени прашања помеѓу страните. При имање ваков значаен билатерален, но истовремено и меѓународно значаен и валиден документ би сакал, макар и би се повторувал, со посебна нагласка да укажам дека Република Македонија би била крајно несериозна и очигледно би работела на штета на своите национални интереси, ако, не знам, од кои и да било причини, прифати повторно да расправа за сѐ она што било расправано и успешно апсолвирано во цитираната Привремена спогодба од 1995 година, склучена помеѓу Република Македонија и Република Грција.

Болна катарза за државата

При ваков наш однос кон спогодбата она што како политичка обврска за нас, останува, но и за Република Грција, е „обврската“ произлезена од резолуциите на Советот за безбедност (817 и 845 од 1993 г.) и на Генералното собрание на ОН (225 од 1993 г.), е низ процес на градење заемна доверба да се настојува да се дојде до надминување на посоченава „разлика“, во цитираните резолуции, која се појавила „околу името на државата“ (Република Македонија). Единствено во контекст на ова треба да се разбере и изразената определба во спогодбата за продолжување на преговорите под покровителство на ОН (преамбулата (алинеја 9) и во член од 5 од самата спогодба). Да заклучам. Заемно преземената обврска на договорните страни, од цитираните резолуции на органите на ОН, под нивна закрила, да продолжат преговорите помеѓу Република Македонија и Република Грција не е заради наоѓање ново име на нашата држава (каков што беше случајот со Лисабонската декларација од 1992 г.), туку заради овозможување да се направи разлика околу употребата на терминот „Македонија“ во името на нашата држава со употребата на истиот овој термин во името на грчката провинција „Македонија“. Ако на постојниот проблем гледаме од овој агол, според моето мислење, повеќе од потребно е, да останеме во овие преговори, кои на крајот очекувам дека успешно ќе завршат и за двете договорни страни.

Ако се има предвид изнесеново во претходната точка (1), тогаш, би требало да се очекува Република Македонија и денес да има доволно ниво на одговорно однесување и избистрена свест за процена што би значело и кои би биле последиците од, да претпоставиме, прекинувањето во овој момент на преговорите, кои се водат со Грција под покровителство на ОН. Кон ова, уште ќе додадам: ако Република Македонија држи до себе, до својата сериозност, до заштитата на своите национални интереси, но и на интересите на другиот, како и за заедничките, и, истовремено, на испреплетените со нив регионални, европски, па ако сакате и пошироки интереси (пред сѐ се разбира политички и безбедносни), тогаш таа во моментот и нема друга поиздржлива опција од опцијата да ги продолжи преговорите со Република Грција. Оттука, за мене во моментот не се поставува дилемата дали треба да продолжат или се прекинат преговорите што се водат за „разликата“ околу името на нашата држава, туку како и на кој начин тие да продолжат, за да би можело нашите очекувања од нив да станат остварливи.

Идентитетот и јазикот – потврдени фактори

Пред да го изложам моето мислење како и на кој начин да продолжат преговорите за да, евентуално, би можело преку нив, да се дојде до посакуваниот резултат не можам, а да не се согласам со резигнираноста и „болната“ катарза низ која минува држава и сите ние како нејзини граѓани, во овој четврт век од осамостојувањето (1991 г.). Исто така, не би можел да не се сложам и со тоа дека на нашата земја и на самите нас, како нејзини граѓани, и во дваесет и првиот век (во кој основните права и слободи на секоја индивидуа односно граѓанин одделно, но и на правата и слободите на одделните нивни колективитети (заедници), претставуваат алфа и омега), ни се случува, би рекол, еден од најниските и брутални видови неправда. Барањето до нас за самобришење на името на државата и не може поинаку да се разбере, освен како неправда од најниско ниво на неподносливост. Тој што го бара тоа ниту ни го дал тоа име на државата, ниту пак ни ја дал и самата држава (која е со јасно дефинирани и меѓународно признаени граници, со неоспорно преброено население, со демократски воспоставени политички институции и признаена од повеќе од две третини од вкупниот број земји-членки на Обединетите нации).

Но, не само тоа. Таа е држава, уште, од времето на АВНОЈ (1943 г.) односно АСНОМ (1944 г.), а преку Југословенската Федерација чиј конститутивен дел беше, (заедно со другите федерални единици во неа) е и учесник во самото основање на Обединети нации (во кои, пак, покрај српско-хрватскиот и словенечкиот јазик и македонскиот јазик е регистриран како службен јазик на оваа федерација). Врз таа основа и македонскиот јазик, како и другите два службени јазика на Југославија, ќе го сретнеме во многу меѓународни документи поврзани со Југословенската Федерација. Да не зборувам за фактот дека за цело време на постоењето на Југословенската Федерација во заемното обраќање на властите од Атина и од Скопје и немало проблем во именувањето на нашата земја со нејзиното уставно име (Федерална Македонија, Народна Република Македонија и Социјалистичка Република Македонија, вклучувајќи го овде и користењето на нејзиниот официјален јазик: македонскиот). Покрај другото, не можам да се сложам и со проблематизирањето на идентитетските прашања, макар што вербално се тврди, дури и од Метју Нимиц, дека тие прашања не се предмет на разговарање и договарање помеѓу двете држави (Република Македонија и Република Грција). Но, не само тоа, туку дека со идеите изнесени од него, како што самиот ќе рече, „овие прашања, дури, се зајакнати“.

Не се преговара за идентитет и за јазик

Меѓутоа, ако тргнеме од фактот дека тие (идентитетските прашања) кај националните држави, каква што е и асномска Македонија од 1944 година, немаат своја самоегзистенција (самопостоење), туку се своевидни деривати (изведенки) од самото име на државата (во случајот Македонија: македонски јазик, македонски народ, македонска култура, македонска традиција и сл.), тогаш навистина се поставува прашањето како е можно да се разговара или преговара за името на државата, но не и за овие прашања. Одговорот е едноставен: тоа не е можно. Имено, ако заклучивме дека името на државата не е нешто што некој ти го дал, каков што е случајот и со идентитетот (па било тој да е етничкиот, конфесионалниот или, пак, јазичниот) и сите со него поврзани културолошки вредности (народно творештво, фолклор, уметност, книжевност, наука, традиција, обичаи, топонимија, хидронимија и на мноштво други видови запишана и незапишана духовна колективна меморија пренесувана генерациски од колено на колено сѐ до денешен ден), тогаш истиот тој и не може да бара да се откажеме, ниту од името на државата, ниту од нашите идентитетски белези.
Ако тоа беше можно, со оглед на пошироката политичка и безбедносна димензија на третираното прашање, досега меѓународната заедница (пресонифицирана во името на Европска заедница или Обединетите нации) ќе ни наложеа и друго име и друг идентитет. Да се потсетиме: тие најмногу што можеа да сторат беше да ги предложат (сугерираат) имињата: „Република Македонија (Скопје)“ или „Нова Македонија“. За разлика од тоа предлозите што доаѓаа од нашиот јужен сосед беа: „Во името на државата да не се употребува зборот ’Македонија’ (по негово барање, првовремено, сугерирано и од Европската заедница), или да го прифатиме името ’Славомакедонија’“. Денес, пак, од него слушнеме и нов предлог на име: „Горнамакедонија“ или „Севернамакедонија“ и сл., кое би требало да оди без превод. Но, како што знаеме од тоа ништо не се случи.

При состојба на постоење на неоспорниот и општо прифатениот принцип на самоидентификација на државите и народите при нашиот прием во членство на Обединетите нации и не можеше друго да се направи, освен тој прием да биде извршен во согласност со членот 4 од самата нивна повелба, како што, впрочем, тоа секогаш е случај и со приемот на која било друга нова држава. При ваква состојба, одлуките од ,,повеќе пати, цитираните резолуции на Советот за безбедност и Генералното собрание на ОН, со кои беше наложено обраќањето кон нашата држава во рамките на ОН да биде со „поранешна југословенска Република Македонија“, додека се реши „разликата“ околу употребата на зборот „Македонија“ во името на државата, и не можат поинаку да бидат разбрани, освен како одлуки, кои по своето дејство се од политичка природа. Оттука и произлегува дека во преговорите што се во тек, помеѓу Република Македонија и Република Грција, акцентот треба да биде ставен, исклучиво, во наоѓање решение за надминување на наведенава „разлика“, а не и за тоа дали треба или не во името на нашата држава да стои зборот „Македонија“. Неоспорен е фактот дека тој збор, од истата причина, и по извршениот прием на нашата држава во членство на Обединетите нации остана да биде составен дел од нејзиното уставно име. Значи: станува збор за постигнување заемно прифатлива спогодба не за терминот „Македонија“, туку за разликата околу неговата употреба во името на нашата држава

При состојбата изложена погоре останува да констатираме дека проблемот што постои помеѓу Република Македонија и Република Грција, гледан од аспект на ОН, не е самиот термин „Македонија“, кој е и есенцијата во нашето уставно име, туку тоа е „разликата“ што треба да се направи околу користењето (употребата) на овој термин во името на нашата држава во однос на користењето на истиот овој термин во именувањето на северната грчка провинција насловена како „Македонија“. Тоа значи дека оваа „разлика“ не го тангира, сам по себе, терминот „Македонија“ односно именката „Македонија“. Тој, како објективно дадена категорија, има своја долга историја на постоење. Со други зборови, името „Македонија“ постоело и ќе постои и тоа како такво не е спорно, ниту, пак, околу него може да се спори.
Она што е спорно и претставува проблем за кој досега меѓу страните се расправало, разговарало и договарало и треба и натаму да продолжи да се разговара и преговара е „разликата“ што околу самата употребата на термин, („Македонија“), треба на да се направи. При ова, разбирливо е дека ако преговарачкиот процес продолжи како и досега тој ќе биде и тежок и долг. Ова дотолку повеќе што во него секоја од страните има своја вистина, своја реалност, своја „сопственост“ од која и го изведува своето право на употреба на терминот „Македонија“.
При ваква состојба, проблемот станува, уште, поусложнет, бидејќи секоја од страните природно тежнее во него да го види само она што посакува да го види. Со други зборови, тоа значи дека секоја од страните сака за себе да го присвои само она што смета дека за неа е добро, а сѐ она другото (погрешното) да го префрли на другата страна.

(продолжува)