Организацискиот тим на фестивалот на европската книжевност „Букстар“ го најавува гостувањето на моментално рускиот писател број 1 на сите светски листи, Евгениј Водолазкин, кому оваа година ќе му биде доделена наградата „букстар“ за најчитана книга помеѓу две изданија на фестивалот. Неговиот роман „Авијатичарот“ беше промовиран во „Фросина“, во МКЦ. Книгата е издание на „Антолог“, а на македонски јазик го приопшти Ѓорѓи Крстевски. Романот е најчитаниот наслов во книжарниците на „Антолог“ оваа година, а е објавен со поддршка на Институтот за преводи на Русија. Покрај овој роман, ќе бидат промовирани уште две претходно објавени книги од овој автор, „Лавр“ и „Соловјов и Ларионов“, во превод на Павел Попов. Промотор на романите ќе биде книжевникот и универзитетски професор Венко Андоновски, а настанот ќе го модерира Ана Јовковска.
Утре, со почеток во 10 часот, во Салата за седници на Филолошкиот факултет во Скопје, во чест на добивањето на наградата „букстар“, Евгениј Водолазкин ќе одржи почесно универзитетско предавање на тема „Неколку размисли за современиот роман“. Освен тоа што студентите и гостите ќе можат да поразговараат непосредно со овој голем руски писател и да ги слушнат неговите видувања за романот денес, во оваа пригода ќе му биде доделена и наградата, со што ќе заврши и официјалниот дел на фестивалот. Предавањето ќе биде на руски јазик, а обезбеден е превод на македонски.
„Авијатичарот“ е дело на сеќавање и заборавање за заедничкото плетење и разбирање на еден век во руската историја. Романот запрашува која е поврзаноста меѓу индивидуалната и колективната меморија. Што е поважно во нашето разбирање на минатото – големите историски настани или малите детали од секојдневниот живот, како што се звуците и мирисите?
Евгениj Водолазкин е руски писател, роден во 1964 година во Киев, Украина. Од 1990 година работи во Одделот за староруска литература, каде што е водечки научен соработник. Автор е на повеќе од сто труда поврзани со древната и со новата руска литература. Предава на универзитети во Минхен и во Санкт Петербург. Неговиот роман „Лавр“ ги освои наградите „големата книга“ и „Јасна Полјана“ во 2013 година. Преведен е на повеќе од 15 јазици. Историјата е негова првична инспирација, без оглед дали турбулентните времиња на Октомвриската револуција или наследството на византиската култура.
Утре на програмата е книжевната дискусија „Во сенката на читателот“, во 17часот, организирана во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а во рамките на проектот „Читаме заедно“.