Тој пред македонската публика ќе се претстави со свои композиции, а на програмата на овој концерт се и Суитите 1 и 2 од балетот „Дафнис и Клое“ од Морис Равел. Со оркестарот на филхармонијата ќе диригира Џијан Емин
Како солист со оркестарот на Филхармонијата на Република Македонија, вечерва, со почеток во 20 часот, ќе настапи врвниот француски контрабасист Рено Гарсија Фонс. Тој пред македонската публика ќе се претстави со свои композиции, а на програмата на овој концерт се и Суитите 1 и 2 од балетот „Дафнис и Клое“ од Морис Равел. Со оркестарот на филхармонијата ќе диригира Џијан Емин.
По работата во врвни француски симфониски оркестри, Рено Гарсија Фонс во 1990-тите се одлучува за солистичка кариера. Тој разви свој музички јазик и стил со кој на автентичен начин го еманципира инструментот на кој свири. Контрабасот во рацете на Фонс звучи како шпанска гитара, африканска бас лаута, како виола или персиска виолина. Станува збор за врвен инструменталист со каталонско потекло, и од таму всушност потекнува неговиот интерес кон шпанската и ориенталната култура.
– Оригинално контрабасот бил создаден да ја интензивира басовата линија во оркестарот и бил чисто функционален инструмент. Потребни беа повеќе векови овој инструмент да излезе од овие рамки, благодарение на пионерските дела и истражувањата со кои почна да се развива техниката, репертоарот, прво романтичниот, а потоа и во џезот и современата музика. Поради тоа, навистина репертоарот за контрабас е лимитиран. Денес, посебно преку мојата работа, контрабасот почнува да добива нов статус, на соло-инструмент што е рамноправен со другите, преку репертоар што главно е свртен кон т.н. ворлд мјузик, не само кон џезот и класичната музика – вели овој исклучителен инструменталист.