Фестивалот „Европски приказни“, со кој издавачкиот центар „Три“ овој месец заокружува уште еден успешен проект посветен на квалитетната литература, која доаѓа од различни страни на Европа, ќе се одржи од 25 до 27 септември, во „Јавна соба“. Фестивалот ќе претстави оригинална едиција на книги, а предвидува и неколку централни настани – гостување на две големи авторски имиња од Португалија и од Грција, Афонсо Круз и Калија Пападаки, изложба на оригинални дизајнерски решенија на книгите од едицијата изработени од познати домашни автори, предавања, дискусии и работилници посветени на книжевниот превод, кои ќе се одржат на Европскиот ден на јазиците, како и неформални средби и дружења, кои имаат цел да го доближат најдоброто од европската литература и да понудат поинакво искуство за љубителите на добрата книжевност.
Препознатлив по внимателниот избор на наслови, врвниот превод, оригиналниот дизајн и реализација, честите гостувања на автори, како и по сопствениот информативен блог-канал, овој проект, реализиран со помош на програмата „Креaтивна Европа“ на Европската Унија и Министерството за култура, воведува нови практики и поставува повисоки стандарди во издаваштвото во нашата држава, а ја задоволува и големата потреба од оригинални и квалитетни дела, кои се наменети и за помладата и за повозрасната публика.
Настаните се посветени на книжевниот превод, како и на спецификите и предизвиците во преведувањето книжевни дела на македонски јазик. Тие се насочени кон преведувачката заедница, јазичните редактори, уредниците, како и сите заинтересирани за оваа професија.