По слабиот одзив на референдумот за спогодбата со Грција и во моменти кога трае внатрешна консолидација за ова прашање меѓу политичките фактори во Македонија, спроведувањето на спогодбата од Мала Преспа, според некои, би можело да добие уште една проблематична димензија.
Имено, грчкиот весник „Катимерини“ пишува дека договорот меѓу двете земји може да биде блокиран од страна на Москва во Советот за безбедност (СБ) на Организацијата на Обединетите нации (ООН). Весникот, сепак, не дава објаснување како Русија планира да го изведе овој свој дипломатски чин.
– Руското министерство за надворешни работи, истакна дека нискиот одзив на референдумот го направи својот исход ништовен и неважечки, додавајќи дека заклучоците од преговорите меѓу Атина и Скопје би можеле да завршат со дискусија во Советот за безбедност на ОН – пишува „Катимерини“, толкувајќи ја официјалната реакција на Москва по референдумот во Македонија.
Но на објавата во грчкиот печат реагираше и владиниот портпарол Миле Бошњаковски, кој на вчерашната прес-конференција истакна дека СБ на ООН ниту ќе дискутира ниту ќе одлучува за договорот со Грција, само ќе биде информиран за него.
– Според договорот потпишан меѓу Република Македонија и Република Грција, постапката во Обединетите нации е утврдена и ги предвидува следниве чекори: прво, откако ќе се заврши процесот на имплементација или уставните промени во Република Македонија и ратификација на договорот во грчкиот парламент, генералниот секретар на Обединетите нации ќе испрати информација до Советот за безбедност дека прашањето е затворено со заемна согласност на двете страни; второ, Советот за безбедност на ООН за оваа информација нема ниту да дискутира ниту да одлучува. За тоа говорат прецизните ставови 5, 6 и 7 од членот 20 од договорот. Разликата и преостанатите прашања наведени во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на ООН ќе се сметаат за решени по влегувањето во сила на оваа спогодба – истакна Бошњаковски.
Според него, процедурата предвидува што е можно поскоро по влегувањето во сила на оваа спогодба, страните или една од страните да го извести генералниот секретар на Обединетите нации за влегувањето во сила на оваа спогодба, како и за датумот на кој таа влегла во сила, а за нејзино спроведување во Обединетите нации.
Со овој став на Владата делумно се согласува и универзитетскиот професор Игор Јанев, кој вели дека не постои можност Русија да го блокира договорот во СБ на ООН, бидејќи проблемот не е безбедносен, а исто така резолуциите 817 и 845 не се безбедносни резолуции.
– Ми се чини дека Русите претераа, иако сакаат да помогнат. И, еве, да кажеме ќе дојде на дневен ред извештај од генералниот секретар за спогодбата. Внимавајте, со отфрлање или неусвојување на овој извештај од генералниот секретар не се донесува каква било одлука во врска со спогодбата од Мала Преспа. Дури и да се отфрли, договорот може да се регистрира во секретаријатот на ООН и веднаш има правно дејство – вели Јанев.
Јанев објаснува дека доколку Русија сака да донесе каква било одлука со правно дејство во ООН, таквата ќе биде блокирана од другите постојани членки односно од САД, Франција или Велика Британија.
Сличен став има и аналитичарот Лазар Лазаров, кој истакнува дека тука со овој политички чин на Русија се повторува сценариото со Црна Гора.
– Доколку Москва навистина сака да нѐ блокира во СБ во ООН, таа ќе биде запрена во намерата од другите земји-членки (САД, Британија, Франција и Кина), бидејќи верувам дека тие нема да ѝ дадат поддршка во обид за спроведување на правното дејство – вели Лазаров.
Аналитичарот истакнува и дека ова е само пропагандистичка политика на Москва, бидејќи, како што рече, не верува дека земјата навистина ќе се инволвира во македонскиот случај до таа мера, зашто на нејзината агенда на дејствување многу повисоко стојат случувањата во Украина и во Сирија.