Квалитетна филмска програма и познати имиња на светската кинематографија се очекуваат на 39-то издание на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој ќе се одржи од 22 до 29 септември во Битола, а чии подготовки влегуваат во својата завршница. Од ИФФК „Браќа Манаки“ соопштија дека годинава ќе има 14 програми, а проширен е и кругот на селектори што ги обликуваат програмите.
Новина е програмата „Фил-мски класици – Полноќен јавач“, која вклучува филмови од светската филмска антологија, за кои помладата генерација има можеби само слушнато или прочитано. Селектор на програмата, која за публиката ќе понуди четири филма од хорор-жанрот во полноќните фестивалски часови, е италијанскиот режисер Микеле де Анѓелис што живее во Битола.
Во главната програма, пак, се вклучени најновите филмски продукции на големите мајстори на филмската фотографија, што ги фасцинираа публиката и критиката, во селекција на Благоја Куновски-Доре.
– Оваа година фокусот ќе биде ставен на студентската програма. Годинава ќе има студенти од 15 филмски академии, најмногу досега од почетокот на основањето на фестивалот, а тие доаѓаат со свои филмови, по чии проекции ќе има дискусии и разговори. За студентите подготвуваме и средби со филмските автори, кои со нив ќе ги споделат своите искуства – вели директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска.
Од ИФФК посочуваат дека и годинава фестивалскиот промотивен видеоспот ќе биде изработен под режисерската палка на Вардан Тозија.