Групата во текот на својата музичка кариера продала 110 милиони албуми, а во 2012 година е примена во „Рокенрол-куќата на славните“

„Ганс енд роузис“ или попознати како ГНР се хардрок-состав од САД, Калифорнија, кој на крајот од 1980-тите и почетокот на 1990-тите години од 20 век, со својата музика, која е мешавина на рок, блуз, панк, хард рок, глам рок и хеви метал, со неколку успешни албуми, спектакуларни концерти, но и со скандали и тепачки, достигна голема популарност и светска слава. Знаеме дека хард рокот станал познат како хеви метал, или едноставно метал, при крајот на 1970-тите години на 20 век. Тоа е музичка супкултура што е популарна и денес кај генерациите тинејџери. Лос Анџелес бил плодна почва за млади надежни гитаристи, а тесните кожени панталони и долгата ондулирана коса на младите рокери им го донеле прекарот хеар метал (метал од косестите) или пудл рок (пудла рок). Типична и најуспешна таква група биле и сѐ уште се „Ганс енд роузис“.

Групата е формирана во 1985 година од вокалот Ексл Роуз, соло-гитаристот Слеш, ритам-гитаристот Изи Страдлин, басистот Даф Мекеган и тапанарот Стивен Адлер. Нивната музика е музика отсвирена со многу бучни гитари. Тие се истакнале со тоа што звучеле исто толку автентично развратно како „Ролинг стоунс“ во нивниот најуспешен период.
Албумот од 1987 година „Appetite for Destruction“ (Апетит за уништување), е нивниот одлучувачки хевиметал-албум на 1980-тите години, за што најголема заслуга има арогантниот вокал на Ексл Роуз и кокетните гитарски рифови на Слеш.
ГНР од своите панк и хардрок-идоли „Аеросмит“’ и „Секс пистолс“ го презеле најдоброто и на него ги додале своите специфични текстови. Така, „Welcome to the Jungle“ е прв сингл од нивниот деби-албум. Содржината на песната зборува за темната страна на Лос Анџелес и го опишува животот на членовите на ГНР во 1985 година. Со оваа песна бендот го почнуваше секој концерт во периодот од 2001 до 2007 година. Од неколку реномирани музички институции и од весникот „Ролинг стоун“ песната е прогласена за една од најдобрите метал-песни на сите времиња, а спотот за неа и понатаму е еден од најгледаните на каналот на Ем-ти-ви.

„Sweet Child О’Mine“ е единствената песна од истиот албум што се искачува на самиот врв на топ листата Билборд во САД. Песната зборува за поранешната сопруга на Ексл Роуз – Ерин Еверли. Познатиот риф во песната Слеш го смислил играјќи си со својата гитара. Иако Слеш едно време мислел дека песната е нешто најлошо од ГНР, спотот за неа освои награда за најдобар хевиметал-спот. Инаку, таа е прогласена за најгитарска песна на сите времиња. Трет хит од албумот е и незаборавната „Paradise City“. Со овие хитови албумот до денес е најпродаван дебитантски албум.
Набргу го издале и вториот албум (полуакустичен и полуконцертен) -„G’N’R Lies“, кој само го зголеми нивниот успех и ја зацврсти популарноста што ја добија. Третиот албум на ГНР, двојниот „Use Your Ilusion 1 и 2“ ги направи најпопуларен рокенрол-бенд на светот. Легендарна песна од тој албум е хардрок-балада „November Rain“, напишана од Ексл Роуз. Инаку, Ексл песната почнал да ја работи уште во 1983 година, а нејзината демо-верзија е снимена во „Апетит за уништување“. Со траење од речиси 9 минути таа е трета најдолга песна на бендот, а најдолга што се најде во топ 10 на Билборд 100 листата. Од овој двоен албум групата ги сними видеозаписите за песните „November Rain“ и „Don’t Cry“, кои се еден вид музичка трилогија и се најскапите музички видеа на сите времиња.

Тоа е периодот на најголемите успеси на бендот кога неговите членови успеваат да го дофатат музичкиот Олимп. Врв на сѐ е учеството на Рок-фестивалот во Рио (1991г.), свирката пред 260.000 илјади обожаватели и турнејата во следните 28 месеци. Во 1993 година го издаваат албумот „Шпагети инцидент“, што е колекција на панк и глам-преработки. По овој албум на преден план избиваат егоизмот на Ексл Роуз и неговата нетрпеливост со Слеш, и толку треба колата да тргне низ удолницата, односно да почне опаѓањето на популарноста на бендот. Во 2008 година ќе биде издаден долго најавуваниот албум „Кинеска демократија“, кој е само потврда дека креативната фаза на бендот е минато, коja најверојатно нема да се повтори. Бендот доживува многу персонални промени и тоа веќе не е ГНР, група што ја обележа историјата на рокот.
Добрите познавачи тврдат дека за музиката што ја создаваше бендот најмногу бил инспириран од групи како: „Квин“, „Еј-си/Ди-си“ и „Ролинг стоунс“, а на звукот од нивниот албум „Апетит за уништување“, влијаеле „Лед цепелин“, „Аеросмит“ и „Блек Сабат“. И самиот бенд исто така влијаел на модерните мајнстрим рок-бендови како што се „Лимб бискит“, „Прл Џем“, „Нешвил Пуси“, „Д Даркнес“ и многу други.

Бендот ја доби заслугата за оживување на мејнстрим-популарноста на рокенролот, во време кога во популарната музика доминирала денс-музиката и поп-металот. Нивните доцни осумдесетти и рани деведесетти од минатиот век се опишани како период во кој тие потсетуваат на раните и бунтовнички „Стоунси“ од доцните шеесетти, но и на светото тројство на британскиот хард рок – „Лед цепелин“, „Дип Прпл“ и „Блек сабат“, од седумдесеттите години на 20 век. Најзаслужни за тоа се гитарскиот виртуоз Слеш и вокалниот маестро Ексл Роуз.

Според критериумите на многу специјализирани гитарски топ 100 листи, Слеш секогаш се наоѓа меѓу најдобро рангираните гитаристи. Ексл Роуз, пак, важи за единствен вокал што успеал да им се доближи на вокалните божества Роберт Плант од „Цепелин“, но и на Јан Гилан и Дејвид Ковердејл од „Дип Прпл“. Овој бенд во текот на својата музичка кариера продал околу 110 милиони албуми, а во 2012 година е примен во „Рокенрол куќата на славните“.

Извадок од книгата во печатење Обожавани музички икони. Заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот и Александар Станковски, автор на портретите (во комбинирана техника и колаж) на музичките ѕвезди