Претседателот на Србија испрати порака до лидерите на опозициските партии и, како што рече, нема да разговара со фашисти
Доволно уништивте и разоривте, доста беше владеење на крадци, сега е време некој да гради и да работи на иднината на Србија, порача српскиот претседател Александар Вучиќ, на завчерашниот собир во Нови Сад, кој е првиот од двата најголеми митинзи, кои ги најави Српската напредна партија. Следниот најголем митинг е закажан за 19 април во Белград.
Тој ги обвини партиите од опозицијата дека сеат омраза, а сакаат со насилни средства да дојдат на власт. Потсети на случките од протестите на опозицијата на кои беа покажувани бесилки и како симпатизери на опозицијата со електрични пили влегуваат во зградата на РТС.
– Тие говорат дека се иднината, а ние сме биле минатото. Сакаме да покажеме дека сме пристојна Србија, која сака да гради и да работи. Се срамам кога гледам како тие луѓе ги уништуваат нашите знаци, огради, а ние го правиме еден од најубавите плоштади во Европа. Исто како што се реновира целиот центар на Виена, сакаме во Белград да привлечеме туристи. Нема да се исплашиме од оние што сакаат со насилство да дојдат на власт – изјави Вучиќ.
Претседателот на Србија испрати порака до лидерите на опозициските партии и како што рече нема да разговара со фашисти. Тој нагласи дека е важно да постои дијалог, а не насилство.
– Во Србија насилството и фашизмот никогаш нема да поминат. Овој собир во Нови Сад е доказ за довербата од граѓаните, на силата и одговорноста за заеднички да му се спротивставиме на тоа зло – додаде Вучиќ.
Српскиот претседател пред присутните граѓани најави две големи инвестиции од по 50 милиони евра, кои ќе се реализираат во Нови Сад.
– Ви носам два мали подарока. Веќе се завршени преговорите со една голема и значајна компанија од прехранбената индустрија за инвестирање на 50 милиони евра – поентира Вучиќ. Тој од присутните побара да ги спуштат транспарентите за да се види колку народ има, за самиот да одговори дека се собрале над 35.000 лица.
Тој не ја пропушти можноста да испрати порака до меѓународната заедница да прекине со притисоците на неговата земја и повтори дека за продолжување на дијалогот, потребно е Приштина да ги укине царинските такси за српските производи.
– Приштина се однесува дрско. Мислат дека со нивната безобѕирност ќе ја ослабат Србија. Тоа што сме пристојни и бараме разговор и дијалог не значи дека сме слаби. Србија денес е многу посилна од пред пет, десет или 20 години – нагласи Александар Вучиќ.