Сара Блажеска е ученичка во основното музичко училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“ во Прилеп во класата за пијано, кај професорот Игор Николоски. Деновиве таа од Врање, Србија, се врати со освоена втора награда од меѓународниот натпревар за млади пијанисти, што претставува голем успех за неа и за нејзиниот професор.
Уште од самиот почеток Сара покажува голем интерес и со успех свири на пијано. Нејзиниот прв натпревар беше лани исто така во Врање, каде што имаше идентичен пласман. Потоа се натпреваруваше на меѓународниот натпревар за млади музичари „Охрид те сакам“ и освои прво место, а активно учествува и на пијано-маратонот што го организира нејзиното музичко училиште. На неодамнешниот Државниот натпревар во Скопје, Сара исто така освои втора награда.
Нејзина најголема желба е кога ќе порасне да стане врвна пијанистка. Затоа многу вежба и се труди беспрекорно да ги изведува композициите зададени од професорот Игор Николоски, а натпреварите се нејзин најголем предизвик.
Таа е ученичка во трето одделение во основното училиште „Кире Гаврилоски-Јане“ во Прилеп, каде што исто така покажува одлични знаења.