Стручните анализи на експертите по ветерина откриваат дека црвениот црв не е ништо ново и дека него го има и ќе го има во месото од некои риби, затоа што настанува преку пренос на водни птици што гравитираат околу Дојранско Езеро. Вистина е дека бил детектиран одамна, како што е вистина дека добрата термичка обработка на месото од рибите не претставува опасност за консумирање
Вистината за паразитите во рибите во Дојранско Езеро
Веста за откриени црви во рибите во Дојранско Езеро, која подоцна беше демантирана од концесионерот, со извештај од надлежните институции, предизвика лавина реакции во јавноста. Но за што всушност станува збор и дали ова може да се смета како сериозен проблем или, пак, како природен процес, за чие спречување е потребна превентива?
Угостителите, пак, сметаат дека лажните вести се удар врз и онака кревката туристичка сезона. Според нив, непроверените информации се на штета на Дојран.
Стручните анализи на експертите по ветерина откриваат дека црвениот црв не е ништо ново и дека него го има и ќе го има во месото од некои риби, затоа што настанува преку пренос на водни птици што гравитираат околу Дојранско Езеро. Вистина е дека бил детектиран одамна, како што е вистина дека добрата термичка обработка на месото од рибите не претставува опасност за консумирање.
Црвениот црв е детектиран во некои риби, но сѐ уште во Македонија нема дијагностицирано случај на заболен човек од консумација на риба. Во тој контекст, професорот д-р Мишо Христовски, раководител на Катедрата за биологија и патологија на риби, пчели и дивеч при Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, кој го истражувал црвениот црв, за „Нова Македонија“ открива детали од истражувањето.
Според професорот Христовски, црвениот црв кај рибите е претставник на валчестите обли црви, кои се наоѓаат најчесто во мускулите и внатрешните органи кај предаторските (грабливки) слатководни видови риби.
– Овој паразит е дијагностициран и порано во Дојранско Езеро, го има и ќе го има и во иднина. Дијагностициран е и во соседните држави. Раширеноста на овој паразит е како резултат на миграцијата на дивите водени птици – посочува тој.
Вели дека се потребни четири развојни фази на паразитот за од јајце да се трансформира во полово зрел црв.
Како се пренесува црвениот црв кај рибите?
Професорот Христовски посочува дека овој црв може да се најде во различни видови диви животни, но кај нас како вистински домаќин се јавуваат птиците од фамилијата чапји, како и малиот и големиот корморан, а како случајни домаќини се рибите грабливки, како костреж, смуѓ, сом, штука, карас, црвеноперка, сончарка и др. Случајни домаќини може да бидат водоземци и влечуги.
Вели дека кај вистинскиот домаќин, птиците, во раната фаза на инфекција може да се забележат тресење на главата, тешкотии при голтање, тешко или отежнато дишење, како и повраќање на храната. Потоа, доаѓа до анорексија, слабеење и губење на апетитот, како и до смрт на младенчињата.
– Кај рибите, ларвите се наоѓаат во мускулите во телесната празнина, што може да доведе до зголемување на стомакот. Заразените риби обично се плен на предаторските риби. При голтање на пленот, самиот предатор се заразува. Ларвите продираат преку дигестивниот тракт и мигрираат во мускулите, како и во другите органи, кои можат сериозно да ги оштетат – објаснува проф. Христовски.
И човекот може да биде случаен домаќин на овој паразит
Иако професорот вели дека кај нас нема официјално регистрирани случаеви на болест кај човекот, сепак, посочува дека ова е еден од начините да се потсетиме дека кај хуманата медицина треба да има детална анамнеза за поставување дијагноза, односно потсетување за епидемиологијата, особено на регионот на Дојранско Езеро, како и соработката на хуманата медицина со ветеринарната медицина со концептот „Едно здравје“.
Сепак, професорот посочува дека и човекот може да биде случаен домаќин на овој црв, односно да се зарази со овој паразит.
– Тоа се случува ако се консумира недоволно термичко обработено месо од риба. Паразитите не можат да достигнат зрелост кај човекот, но остануваат во четврта фаза на развој во облик на црвена ларва, долга неколку сантиметри – вели Христовски.
Според него, симптомите кај човекот се манифестираат со проблеми во дигестивниот тракт, болки во желудникот и појава на повраќање или дијареја. Лекувањето кај човекот е со хируршко отстранување на паразитот.
Единствена и успешна превентива е термичка обработка на месото
Во состојби како оваа, каде што болеста кај рибите како преоден домаќин и болеста кај дивите водени птици како корморани и чапји како прави домаќини, едноставно не може да се контролира, најзначајна е превентивата, посочува професорот Христовски.
– Месото од инфицираните риби е потребно да се исфилетира, да се отстрани месото од коските. Потоа тоа треба добро да се испече, свари или испржи – објаснува тој.
Вели дека во земјите каде што се јаде термички недоволно обработена риба, како Канада, Индија, Јапонија, оваа болест се јавува релативно често.