Летово полека изминува, а од „МЖ транспорт“ нема точна најава кога повторно ќе профункционираат меѓународните железнички линии
ВО ТЕКОТ НА ЕВРОПСКАТА ГОДИНА НА ЖЕЛЕЗНИЦАТА
Ако во Европа се стимулира користењето на возовите како превозно средство, кај нас актуелните состојби со недостиг од нови патнички возови и возниот ред воопшто не ги стимулираат граѓаните да го изберат возот како превозно средство. Летово нема експресни возови од Скопје кон Белград и Солун, а поради пандемијата на коронавирусот не сообраќа ниту брзиот воз на релацијата Скопје – Приштина – Скопје. Во време кога луѓето патуваат по одмори, кога возовите се најпотребни, во Македонија се укинати или некои само привремено не сообраќаат, а во сообраќај има само малку патнички возови, кои сообраќаат само до неколку града во земјава. Од почетокот на мај, привремено не сообраќа и патничкиот воз Скопје – Кочани – Скопје, кој секој ден тргнуваше попладне, а од Кочани за Скопје рано наутро. По него престана да сообраќа и возот за Кичево. Бројот на патнички возови е редуциран, како и бројот на патници, а оние што и сега патуваат со воз велат дека откако започна пандемијата има уште помалку. Одамна ги нема оние метежи, особено во деновите кога студентите и пензионерите имаа одредени бесплатни денови и викенди во месецот и како привилегирани патници го користеа возот како превозно средство што нуди поголем комодитет во патувањето. Од „Македонски железници транспорт“ велат дека редовно сообраќаат сите возови со сегашниот важечки возен ред, односно сообраќаат 21 воз во текот на 24 часа.
Редовно сообраќаат сите возови предвидени со важечкиот возен ред на постојните линии, и тоа: за Битола, Гевгелија, Велес, Табановце. За Кичево и Кочани има повремени прекини во сообраќањето (поради недостиг од возни средства), а за Приштина не сообраќа поради пандемијата. Најмногу се патува со возовите за Битола и Велес, а „ЖРСМ транспорт“ АД Скопје ги презема и спроведува општите мерки за пандемијата, кои важат за сите. Со овој возен ред не се предвидени меѓународни патнички возови кон Белград и Солун, поради инфраструктурни работи на дел од пругата помеѓу станиците Ниш и Брестовац во соседна Република Србија – објасни Алби Ќамили, советник на генералниот директор на „МЖ транспорт“
Укинатите меѓународни линии се проблем за патниците и од земјава, но и од север, особено за граѓаните од Србија, кои беа навикнати од Белград со воз да патуваат на одмор во Грција. Нашите граѓани многу често ги користеа возовите и како најевтин превоз и во деновите на продолжени празнични викенди напролет или налето патуваа до Грција за да поминат два-три дена на море или да прошетаат низ Солун. Летово полека изминува, а од „МЖ Транспорт“ нема точна најава кога повторно ќе профункционираат меѓународните железнички сообраќајни линии.
„ЖРСМ транспорт“ АД Скопје активно учествува на заедничките состаноци со соседните железнички управи и работи на повторно воведување во сообраќај на меѓународните патнички возови. На територијата на МЖ не постојат технички и организациски пречки за нивно воведување во сообраќај. Нивното враќање во возниот ред ќе зависи од подготвеноста на соседните железнички управи – нагласува Ќамили.
И додека кај нас има рестрикции на возовите и намален број на патници, ЕУ оваа година ја прогласи за европска година на железницата, а целта е да се стимулираат луѓето да го користат возот како превозно средство. Кај нас за да се стимулираат граѓаните се потребни и нови возови и нови можности, за патниците да патуваат поудобно и побрзо да стигаат до саканите дестинации.