ИОК одлучи кандидати за домаќини на летни или на зимски игри да можат заедно да бидат повеќе градови, земји или цели региони

Олимписките игри досега беа врзувани за еден град и за неговата околина, но Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) одлучи во иднина кандидати за домаќини на летни (ЛОИ) или на зимски игри (ЗОИ) да можат заедно да бидат повеќе градови, земји или цели региони. Покрај оваа одлука, ИОК реши да воведе и реформи и во процедурите за избор на домаќините.

– Ова е еволуцијата на револуцијата со олимписката агенда 2020, бидејќи мораме да продолжиме да ги следиме брзото темпо на промени во нашиот сегашен свет.

Флексибилноста е неопходност за обезбедување на добро владеење и организирање одржливи олимписки игри во иднина. Ние ќе го сториме тоа одржувајќи ја магијата на Игрите, основниот принцип на универзалноста и нашата посветеност да ги имаме спортистите во центарот на сѐ што правиме – изјави Томас Бах, претседателот н ИОК.

Зимските олимписки игри во 2026 година, всушност, ќе бидат првите со повеќе градови-домаќини, бидејќи ИОК ги одбра италијанските Милано и Кортина д’Ампецо (конкуренти беа Стокхолм и Оре од Шведска), кои меѓу себе се оддалечени околу 400 км.


Во 1956 година ЛОИ се одржале на два континента

Во минатото имало неколку исклучоци од досегашното правило еден град да биде домаќин летни или на зимски олимписки игри, со тоа што одредени натпревари биле одржани во друга земја-членка на Интернационалниот олимписки комитет. Така, во 1920 година ЛОИ биле одржани во Антверпен (Белгија), но натпреварите во едрење во Остенде (Белгија) и во Амстердам (Холандија). Потоа, во 1956 година домаќин на ЛОИ беше австралискиот Мелбурн, но натпреварите во коњички спортови се одржале во Стокхолм (Шведска). Така, овие Игри се одржале во два града, две земји, на два континента и во различни месеци (јуни и ноември).