При изгласувањето на ЗУЈ и содржински и процедурално, и во текот на постапката за предлагање, а и при неговото изгласување, се отстапи од принципите на правната држава. Претседателот на државата Ѓорге Иванов, во рамките на своите уставни овластувања, а и со чекори што не се спротивни на Уставот, во основа со користење на сите легални средства, го блокира Законот за употреба на јазиците, затоа што тој ги прекршува и Уставот и законите и Деловникот по повеќе основи. Но, што доколку надлежните институции се одлучат на понатамошно незаконско дејство по таа основа? На пример, да биде објавен Законот за употреба на јазиците во „Службен весник“ без указот на претседателот на државата, со двоен потпис од претседателот на Собранието?
Македонскиот законодавноправен систем влезе во спирала на кршење на Уставот и на законите. Причина за тоа е спорниот Закон за употреба на јазиците (ЗУЈ). Во спиралата на кршење на принципите на владеењето на правото и правната држава тонеме со чекорите на кршење на Уставот, законите и постојната легислатива и во делот на содржините на законските решенија и во делот на законските процедури. Дали е тоа вовед во правна анархија, беззаконие? Дали тоа ќе доведе до целосен распад на институциите на државата?
Можеби ова сценарио е едно од потемните, но секако изминатиот период изјавата на францускиот амбасадор Кристијан Тимоние требаше да звучи отрезнувачки. Тој се јави со исклучително остра критика на начинот на кој е донесен Законот за употреба на јазиците, наведувајќи дека дефинитивно ЕУ-препораката е загрозена. Не случајно е дадена оваа изјава на ваков начин децидно, отворено, решително и строго определено. Чувството на дипломатот од кариера не го лаже, а тоа е дека принципите на владеењето на правото и правните процедури „здраво“ се прекршени.
– Нема земја каде што е активиран инструментот наречен вето, без оглед дали ветото е суспензивно или апсолутно, силно или слабо, а каде што нема потоа потреба од расправа по однос на предлогот на законот на кој е ставено ветото. Токму заради заштита на Уставот, или заштита на општото добро, а не во функција на одредени интересни групи, претседателот и пратениците се должни да ги разгледаат забелешките. Должни се да го преработат текстот на предлог-законот и во соодветно предвидена законска процедура да го гласаат повторно, во подобрена верзија, во интерес на граѓаните – препорача амбасадорот на Р. Франција во Р. Македонија, Кристијан Тимоние по изгласувањето на Законот за употреба на јазиците во Собранието.
Многу интересен е фактот што говори дека сите чинители вклучени во носењето на Законот за употреба на јазиците меѓусебно се обвинуваат дека спротивната страна ги прекршува Уставот и законите. Во основа, комично, но и двете страни се согласни во ставот дека принципот на владеењето на правото е прекршен! Тогаш, каде е правната држава? Каде се граѓаните? Каде е државата? Оние што го познаваат правото велат дека институциите возат на работ на бездната на беззаконие.
Претседателот на Уставниот суд Трендафил Ивановски смета дека има тешки прекршувања на правната регулатива и процедурите при изгласувањето на Законот за употреба на јазиците.
– Секако дека има прекршување на законската процедура при усвојувањето на Законот за употреба на јазиците, бидејќи за да го имаме законот, тој треба да биде комплетен како акт, со сите формалноправни елементи што ги бараат Уставот и законите. Со други зборови, не е доволно само да се изгласа, туку е битно како се изгласал законот. Понатаму, важно е истиот тој да се промовира, да се објави, односно да се потпише указот – истакнува поранешниот претседател на Уставниот суд Ивановски.
Неговите аргументи за лошиот Закон за употреба на јазиците се потпираат на фактот дека законот не може да биде објавен во „Службен весник“, со што не може да стапи во сила.
– За да може да влезе во сила законот, треба да биде потпишан указот од претседателот на Собранието и претседателот на Републиката. Претседателот на Републиката одбива да го потпише. Претседателот на Собранието смета дека и понатаму може да се потпише, или покрај својот потпис може да го потпише указот и во името на претседателот на Републиката. Создадена е една правно заплеткана ситуација, која уставно и законски е јасна, меѓутоа, во практиката е присутна. Со други зборови, според претседателот на Собранието, претседателот на Републиката би можел, односно, не е спречен да го потпише указот штом ги изнел своите аргументи. Меѓутоа поминаа сите рокови, седумте дена од првото донесување на Закон за употреба на јазиците. Со аргументите на претседателот на државата или во јавноста присутните аргументи, при второто донесување односно гласање не беше отворена расправа по законот, а тоа е уставна обврска да се врши повторно разгледување на законот, па потоа да настапи задолжителната обврска за претседателот да мора да го потпише указот. Што друго подразбира разгледување, ако не подразбира да се отвори расправа за законот? Разгледувањето подразбира да се осврне на прашања што ги поставил и претседателот на Републиката! За мене е јасно дека разгледувањето не значи прост премин низ законите, без да се отвори општа расправа, да се оди на гласање… И мислам дека од тука потекнуваат проблемите што се јавија и од кои следува ова непотпишување на законот – вели Ивановски.
Правниците со искуство сметаат дека процедурата е гаранција за демократијата. Политичките и уставните системи се оценуваат и преку содржината на актите што се донесуваат, и преку процедурата за преземените дејства. Во тој контекст, останува отворено прашањето дали Македонија токму со Законот за употреба на јазиците излегува од зоната на владеењето на правото и правната држава кога кршењето на Уставот, законите и на Деловникот станува практика?