Независно од поводот, светските воено-политички аналитичари се согласни дека воените паради имаат цел пред светот да се покаже воената моќ на одредена држава, практика што сѐ уште е присутна и на Балканот, пред сѐ поради неговото огромно
милитаристичко наследство
Денот на победата над фашизмот, 9 Мај, традиционално низ светот се прославува со дефилеа и паради на армиите што ја предводеле битката за победата. Токму по тој повод и минатата недела на Црвениот плоштад во Москва се одржа традиционалната воена парада на руската армија со која се одбележа 74-годишнината од победата над фашизмот, а на која учествуваа 13.000 војници. Но освен на овој ден, во Франција, на пример, се парадира и за францускиот национален празник, Денот на Бастилја, кога се одбележува јуришот врз парискиот затвор Бастилја од 14 јули 1789, со кој започнала Француската револуција. Во регионот, пак, во петокот во Ниш во соседната Србија беше одржана голема воена вежба на тамошната армија и полиција наречена „Одбрана на слободата“.
Независно од поводот, светските воено-политички аналитичари, се согласни дека воените паради имаат цел пред светот да се покаже воената моќ на одредена држава бидејќи тоа е практично продолжување на политичкото влијание на земјата во круговите на меѓународната заедница. Стручната јавност во земјава и во регионот, пак, додава дека од ваквата светска практика не е изземен ниту Балканот, пред сѐ поради големата традиција и огромното милитаристичко наследство, кое во Македонија, сепак, не е толку забележливо. Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски истакнува дека, за разлика од нашето соседство, воените паради во земјата се практикуваат од страна на АРМ само во исклучителни пригоди кога се одбележува некој голем јубилеј на државноста или на одбраната. Тој вели дека сето тоа е во рамките на македонската мирољубива политика, која, за разлика од некои држави од нашиот регион, нема цел да ги заплашува соседните земји. Според Стефаноски, темелите за ваквото дејствување на АРМ биле поставени во времето на претседателот Киро Глигоров кога земјата практикуваше политика што беше наречена оаза на мирот.
Универзитетскиот професор, пак, Атанас Козарев смета дека колку побрзо регионот влезе во НАТО, толку побрзо ќе се изгуби практиката на sвечкања на оружја на воени паради и на застрашувањата. Професорот верува дека сите паради што се случуваа изминативе години на Балканот се само една лоша рефлексија на турбулентното минато што замира, но додава дека во регионот, очигледно, сѐ уште има политичари што преку силата на нивните војски сакаат и натаму да профитираат со политички поени во своето дејствување.
Професорот притоа истакна дека воените паради се стара алатка на политиката, која, за жал, никако не излегува од мода. Според него, парадите се синоним на Студената војна и нивното практикување во денешно време е едноставно непотребно и надвор од вредностите на модерна Европа.
Инаку, нашата држава последен пат организира голема воена парада во 2011 година за време на Денот на независноста, Осми септември, кога јубилејно се одбележуваше 20-годишнината од државноста. Тогаш 800 македонски војници марширајќи поминаа низ триумфалната порта „Македонија“ во центарот на Скопје. Најсвеж пример за воена парада во регионот, пак, е минатонеделната парада на српската армија и полиција наречена „Одбрана на слободата“. На парадата во Ниш продефилираа стотици борбени средства, оклопни возила, тенкови придружени со прелетувања на авиони и хеликоптери, како и голем број припадници на војската и на полицијата.
Српските медиуми информираа дека на улиците се појавиле борбени возила хамер, артилериски системи „огањ“, артилериско оружје „нора“, а на небото и борбените авиони „миг-29“ и хеликоптерите „М-35“, кои Србија ги доби од Русија.
Претходно, на шести мај и во Бугарија, по повод денот на тамошните оружени сили, беше организирана парада во која учествуваа и единици на повеќе држави од соседството и од светот, меѓу кои и од Македонија.
На Денот на независноста на Грција на 25 март, на плоштадот „Синтагма“ во Атина, имаше голема воена парада. Она што е значајно за ова случување е што грчките војници додека маршираа редовно извикуваа националистички и навредливи слогани за нашиот народ и држава.
Во февруари во Приштина, пак, по повод 11-годишнината од косовската независност се одржа парада на тамошните вооружени сили. Тогаш претседателот на Косово, Хашим Тачи, парадата ја искористи за да ја честита независноста и да го најави формирањето на косовската армија.
Во Хрватска, пак, воени паради се одржуваат најчесто за годишнините од воено-полициската операција „Бура“, со која беше најавен крај на воениот конфликт во таа земја, а во нив често учествуваат и воени трупи од неколку соседни држави, членки на НАТО.