Како што наближува посочениот датум, 14 декември, кога треба да се гласа за формирање на косовската војска така се зголемува и напнатоста меѓу Белград и Приштина, но од ден на ден расте и лавината од реакции на релевантни меѓународни институции, кои предупредија на последиците од формирањето на новата војска на Косово. Се разбира, состојбата и развојот на настаните на Косово со внимание се следат и од страна на Република Македонија како нивен непосреден сосед, но и поради горчливите искуства од минатото и порозноста на косовската граница за време на конфликтот во 2001-та
Заострувањето на односите меѓу Белград и Приштина, поради едностраната одлука на косовските власти за зголемување на царините за српските производи, полека се префрла на „воено-безбедносно“ поле. Владата на Косово, и покрај јавните пораки и апели од меѓународната заедница, најавува дека нема да отстапи од намерата за формирање косовска војска, за што треба да се гласа во косовскиот парламент на седница на 14 декември. Како што наближува посочениот датум за гласање се зголемува и напнатоста меѓу Белград и Приштина, а од ден на ден расте и лавината од реакции на релевантни меѓународни институции, кои предупредија на последиците од формирањето на новата војска на Косово. Се разбира, состојбата и развојот на настаните на Косово со внимание се следат и страна на Република Македонија како нивен непосреден сосед, но и поради горчливите искуства од минатото како и порозноста на косовската граница за време на конфликтот во 2001-та.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во својата последна изјава предупреди дека не е време Косово да формира војска и оти се можни последици.
– Намерата да се продолжи со трансформација на косовските безбедносни служби во војска не е потег во вистинско време, и е спротивен на советите на НАТО-сојузниците и може да има последици врз евроатлантската интеграција на Косово – изјави Столтенберг по состанокот на НАТО за Западен Балкан.
Тој додаде дека НАТО ги поддржува косовските сили во рамките на нивниот сегашен мандат.
– Доколку мандатот на косовските безбедносни служби еволуира, Северноатлантскиот совет ќе мора да го ревидира степенот на ангажман во Косово – рече Столтенберг.
Руското министерство за надворешни работи во најновата реакција за можноста за формирање на војската на Косово предупреди дека тоа е „кршење на резолуцијата 1244 и дестабилизирачки провокативен чекор“.
– Резолуцијата подразбира само распоредување меѓународни мултинационални трупи во регионот. Формирањето на косовската војска е уште еден провокативен чекор по воведувањето на таксите од 100 отсто на производите од Србија и БиХ. Акцијата на косовските власти може да доведе до најсериозни последици не само на подрачјето со српското население, туку и за безбедноста на целиот Балкан. Очекуваме косовските сили да го спроведат својот мандат и да преземат сеопфатни мерки за неутрализација и за разоружување на таквите институции во случај да биде создадена – се вели во реакцијата на руското министерство.
Агенцијата Тас го пренесува повикот на руското министерство до „спонзорите на Приштина – ЕУ и САД за да извршат притисок на косовските Албанци за да ги отповикаат своите провокативни одлуки и да се спречи засилување на напнатоста во регионот“.
Францускиот весник „Фигаро“ во текстот насловен „Србија се заканува со интервенција ако Косово формира војска“, напомнува дека косовскиот парламент на 14 декември треба да се изјасни за трансформација на безбедносните сили, составени од 4.000 луѓе во редовна војска.
„Тој процес би можел да трае со години, но Белград стравува дека таа војска би била употребена за протерување на српското малцинство, кое и понатаму живее на Косово“, пишува „Фигаро“.
Во тој контекст, весникот ја пренесува изјавата на српската премиерка Брнабиќ дека се надева дека Србија никогаш нема да мора да ја употреби војската. Повикувајќи се на неименувани експерти, францускиот весник наведува дека таквата интервенција е малку веројатна имајќи ги предвид српските планови за влегување во Европската Унија и оценува дека „премиерката веројатно се обидува да ги придобие симпатиите на националистите“.
Деновиве и Дојче веле пишуваше дека на 14 декември во косовскиот парламент конечно ќе бидат изменети три закони за да се создаде простор за формирање „војска на Косово“. Трикот е во тоа што војската нема да се вика војска, туку и натаму ќе биде „Косовски сили за безбедност“ (КСБ), име што се споменува во Уставот.
Така се обезбедува Уставот да остане непроменет, бидејќи неговата измена би барала поддршка од српските претставници во парламентот. Претставниците на Српската листа и натаму обезбедуваат мнозинство во владата на Рамуш Харадинај, иако не учествуваат во работата на Владата. Но, досега повеќепати истакнуваа дека нема да гласаат за ништо што актуелните безбедносни сили ги придвижува во насока на вистинска армија.
Заменик-министерот за КСБ, Бурим Рамадани, вели дека ќе бидат потребни најмалку 10 години за да се пополни капацитетот на косовските безбедносни сили и навистина да бидат оспособени за сѐ што инаку работат војските. Целта е, додава Рамадани, за период од 10 години косовската војска да ги достигне стандардите на НАТО и на американската армија.
Во политичка смисла, како што претходно изјави и воениот аналитичар Александар Радиќ, проектот за војска е порака дека нема враќање што се однесува до независноста на Косово.
– Оној момент кога ќе имате закон во кој пишува дека основна задача на вооружените сили е заштита на територијата на Косово, тогаш е јасно дека тоа се претвора во симбол од кој нема отстапување. Тоа е психолошко-пропаганден момент што дава тежина во преговорите, бидејќи покажува јасен став оти нема поделба на територии – изјави Радиќ.
Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, изјави дека Косово не формира војска за северот на земјата и дека таквите изјави на српските претставници се „чиста лага“. Тој истакна и дека е убеден дека нема да има војна.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на вчерашното гостување на ТВ Пинк го повтори ставот дека Србија ќе даде сѐ од себе да го зачува мирот, но нема да дозволи иселување на српскиот народ и протерување на Србите. Вучиќ нагласи дека во Приштина не ги разбираат размерите на катастрофата што може да ја предизвикаат.
– Војската на Косово може да постои само под два услова: за ова прашање прво да се усогласат во НАТО и ако со тоа се согласи малцинската, во овој случај српската заедница, што никогаш нема да се случи – рече Вучиќ.
Можно е прелевање на српско-косовските тензии
Балканот е таква област во Европа што поради разбирливи причини сѐ уште има мноштво отворени безбедносно-политички прашања и додека тие комплетно не се затворат, засекогаш ќе зрачат со опасност кон земјите во опкружувањето, смета воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски. Според него, едно такво прашање е и процесот кој е „за“ или „против“ трансформирањето на Косовските сили за безбедност во војска.
– Македонија на север граничи и со Србија и со Косово, кои, разбирливо, по војните во 1990-тите години сѐ уште имаат затегнати односи. Нивното политичко прашање по независноста на Косово е исклучително тешко да се реши на меѓународно поле, па оттаму е лесно да се разбере зошто тоа претставува голем ризик за Балканот. Токму затоа постои опасност овие српско-косовски тензии многу лесно да се префрлат и во нашата земјата, па советувам оние што раководат со безбедносните служби на Македонија, периодов многу добро да се фатат за работа и да ја мониторираат состојбата на север, а со тоа и навремено дипломатски, но, ако е потребно, и безбедносно да се обидат да ја заштитат државата од прелевање на потенцијален безбедносен ризик – рече Стефаноски во изјава за „Нова Македонија“, по повод одлуката на властите во Приштина да почнат со процедурата за трансформација на косовските безбедносни органи.