Владата на Црна Гора од април минатата година трипати ја зголемуваше висината на акцизата за цигарите
Шверцот со цигари во Црна Гора значително се зголеми по воведувањето на повисоките акцизи за тутунските производи. Прометот на црниот пазар речиси се изедначил со оној на легалниот, кој во периодот јануари-март годинава е за 59 отсто помал во споредба со минатата година.
Според податоците на Заводот за статистика на ЦГ, увозот на тутунски производи во овој период лани изнесувал 3,8 милиони евра, а годинава 1,3 милиони. Оваа сума се однесува на производство на едно пакување цигари што најчесто се продава за 30-40 центи. Со акцизите и со ДДВ цената на цигарите се зголемува за седум пати. Даноците за промет на цигари изнесуваат околу 85 отсто од малопродажната цена, што претставува предизвик за шверцерите. Претставниците на фирмите за легален увоз на цигари соопштија дека годинава нивниот промет им опаднал за 40 отсто.
Владата на Црна Гора од април минатата година трипати ја зголемуваше висината на акцизата. Растот на нелегалната трговија со цигари почна со второто зголемување во август, за потоа да добие облици на организиран шверц затоа што цигари без маркички можат да се купат на секој чекор во поголемите градски центри.
Одговорот на државата беше несоодветен, поради што претставници на опозициските партии, но и легалните увозници изразија сомневање за постоење организирана мрежа на црниот пазар на цигари. Портпаролот на СДП Мирко Станиќ обвини дека Владата влијаела на најголемиот раст на нелегалната трговија од деведесеттите години од минатиот век, објавија „Вјести“.
– Со сопственото однесување Владата на Црна Гора создаде атмосфера во која повеќе пари се заработува од шверцот со цигари отколку со шверцот со наркотици. Ова мора да биде сигнал и за Европската комисија и за земјите на ЕУ, кои се соочија со проблемот во претходниот период поради шверцот со цигари од Црна Гора. Ова важи и за САД затоа што американските компании се најмногу погодени од падот на продажбата на цигари на легалните пазари – изјави Станиќ.
За високата евазија во прометот со цигари влијае големото учество на висината на акциските давачки од 2,8 евра за кутија цигари, која чини просечно околу 3,5 евра.
– Ова е идеална можност за сите што сакаат да заработат милиони, а како тие пари ќе се делат ќе гледаме наредните години преку новите пресметки меѓу криминалните групи – вели Станиќ.
Пратеникот Александар Дамјановиќ вели дека овој проблем нема да се реши преку Комисијата за спречување на сивата економија, која служи за разводнување на проблемот, затоа што има силна спрега со организираниот криминал.
– Сериозна влада во рок од 100 дена би можела да го елиминира најголемиот дел од црниот пазар на цигари, преку идентификација и санкционирање на клучните играчи, како и преку создавање услови за легална трговија со цигари – нагласи Дамјановиќ, за весникот „Вјести“.