Уметникот Велимир Жерновски ќе го претстави своето ново поглавје од проектот „Отаде“, вечерва, во 19.30 часот, во галеријата „Акантус“. На овој проект уметникот работи во последните пет години и обединува повеќе серии на: ситографика; рачно позлатен ситопечат и 3Д-печат.
Во процесот на настанувањето на графиките, Жерновски експериментира со строгите канони на подготовка и изведба на графика, во просторот помеѓу монотипија и ситопечат. Резултатот се вибрантни дела што не можат да се повторат поради тоа што во себе ги сублимираат и просторот и времето во кое се создадени, преку процес во кој авторот спонтано дозволува да реобмислува, препечатува, брише, додава и воопшто да си игра со композицијата и боите. Проектот „Отаде“ е инспириран од популарните слики на НАСА и ЕСА и ги зема човековата љубопитност и знаењето за нашиот универзум како појдовна точка за наративното градење преку продукција на објекти и видеоинсталации. Контрастот се гради преку пејзажи на нашата планета и осамени астронаути во вселената со минималистички естетски пристап. Го отсликува меланхоличниот пат на човековата интеракција со природата, а споделува и загриженост за еколошките промени предизвикани од човечкиот фактор и ја поттикнува потребата да придонесе за свеста за кршливоста на нашата планета и нејзиниот одржлив живот. Претпоставува осаменичка иднина за човечкиот род како резултат на недостиг од грижа за природата.