Видеоасистент-судијата, или ВАР, од следната сезона ќе се употребува и во англиската Премиер-лига, решија претставниците на 20-те клуба. Во април годинава премиерлигашките тимови беа против воведувањето на ВАР во годинашната сезона, иако лани имаше релативно успешна проверка на некои мечеви, во ФА и во Карабао-купот.
ВАР доби поволни оцени на Светското првенство (СП) летово во Русија, и покрај некои пропусти. ВАР од лани се користи во италијанската Серија и во германската Бундес-лига, а од сезонава и во француската Лига 1.
Европската фудбалска унија (УЕФА) беше против ВАР, но по неколкуте судиски грешки есенва во Лигата на шампионите (ЛШ) малку омекна и, како што стојат работите, ќе го воведе уште напролет во нокаут-дуелите, многу порано од официјалната најава дека ќе се воведе од сезоната 2019/2020. Во Лига Европа (ЛЕ) би требало да биде во употреба од сезоната 2020/2021, како и во Лигата на нациите (ЛН), но нема да биде изненадување и таму тоа да се случи порано.
Главниот судија може да побара преглед на снимката од спорните детали и помош од ВАР во четири случаи што директно влијаат на натпреварот: голови (спорни ситуации, офсајд, фаул и слично), пенали, црвени картони и при евентуална замена на идентитетот.