Во научнофантастичната серија „Ѕвездени патеки“, вселенските бродови брзо патуваат од еден дел на универзумот до друг со помош на варп-погони. Патувањата со вселенскиот број „Ентерпрајс“ се со брзина поголема од онаа на светлината. Поранешниот научник на НАСА, Џејмс О’Донахју, неодамна направи анимација во која се покажува дека со овие брзини ќе може да се патува побрзо во нашиот Сончев Систем, но надвор од него ќе треба многу долго време
Во научнофантастичниот универзум на „Ѕвездени патеки“ вселенските бродови со варп-погони може да ја зголемат брзината на движење колку брзината на светлината, но и над неа. Брзината на светлината во вакуум е околу 299.792 километри во секунда. Во „Ѕвездени патеки “, варп-факторот 1 е со брзина на светлината, а варп-факторот 9,9 е над 2.000 пати поголем од брзината на светлината. Во научнофантастичните серии и филмови го прават патувањето на други планети низ разни галаксии како да е на пет минути. Но новата анимација на планетарниот и вселенски научник Џејмс О’Донахју, кој порано работел во НАСА, а сега е вработен во ЈАХА, националната вселенска агенција на Јапонија, ги приземји фикциските вселенски бродови во реалноста. Тој вели дека работата му дава „чувство на очај“ за патувањето низ вселената, дури и при врвни брзини прикажани во „Ѕвездените патеки“.
Така, О’Донахју во својата анимација го испрати вселенскиот брод „УСС Ентерпрајс“ да лета од Сонцето кон планетата Плутон (која е последната планета од нашиот Сончев Систем) со различни варп-брзини. Варп 1 е со брзина на светлината. Со оваа брзина на „Ентерпрајс“ му беа потребни пет часа и 28 минути пат само за да стигне до Плутон. Во меѓувреме, со оваа брзина на пристигнување до нашата најблиска ѕвезда, Проксима Центаури, се потребни четири години и три месеци. Брзината од варп 9,9 го прави патувањето до Плутон за помалку од 10 секунди, а до Проксима Центаури за 18 часа. Важно е да се напомене дека патувањето со варп 9,9 е илјадници пати побрзо од физиката на нашиот универзум што може да ја дозволи, се наведува во „Бизнис инсајдер“.
Но во кој било случај, патувањето со варп-фактор 9,9 од едниот до другиот крај на галаксијата Млечен Пат, која има стотици милијарди sвезди и може да се протега од 150.000 до 200.000 светлосни години, според една неодамнешна студија, може да трае 96 години. Тоа е речиси една деценија подолго од просечниот животен век на човекот денес. Дури и со најбрзата брзина во „Ѕвездени патеки“, наречена трансварп, или попозната како бијонд варп, која е со околу 8.323 пати поголема светлосна брзина, трансгалактичкото патување би траело многу години. Трансварп-патувањето до нашата најблиска галаксија Андромеда, која е оддалечена од околу 2,5 милиони светлосни години, ќе трае околу 300 години.
Според О’Донахју, ние самите досега немаме постигнато ниту една десеттина од еден процент на брзината на светлината во нашето најбрзо вселенско летало. Најбрзиот човечки објект што некогаш е направен е „Паркер“, соларната сонда на НАСА, кој може за кратко време да постигне максимална брзина од 192 километри во секунда, или 692.000 километри на час. На оваа сонда при патување од Сонцето до Плутон со оваа брзина би ѝ била потребна речиси една година.