Илјадници навивачи, граѓани на различна возраст од повеќе македонски градови, со стотици развиорени знамиња, извикувајќи: „Вардар е шампион“, ги пречекаа победниците од Келн

Ракометарите на Вардар повторно се искачија на врвот на Европа. Од германскиот град Келн, каде што веќе 10 години се игра завршницата во ракометната Лига на шампионите (ЛШ), вторпат во Скопје, во период од три години, го донесоа највредниот европски трофеј, притоа совладувајќи два голема ривала, шпанска Барселона (29-27) и унгарски Веспрем (27-24).

Фото: Дарко Андоновски

Илјадници навивачи, граѓани на различна возраст од повеќе македонски градови, со мноштво развиорени знамиња, извикувајќи: „Вардар е шампион“, ги пречекаа победниците од Келн, Стоилов, Карачиќ, Кристопанс, Чупиќ, Дибиров, Милосављев, Мораеш, Скубе и другите клупски другари, предводени од шпанскиот стратег Роберто Парондо.

Ракометната приказна за Вардар продолжува. Таа треба на секој можен начин позитивно да се одрази и на македонскиот ракомет. Отсјајот на големи клупски победи и постигнати резултати на македонските екипи и на македонските играчи во минатото, треба повторно да заблеска. На Балканот, особено во Македонија, сепак, има неисцрпни ресурси и домашни играчи што треба да добијат ветер во грбот. Сепак, овде се организира, поттикнува, стимулира и, во крајна линија, се подготвува да се игра најдобриот европски ракомет. 


Парондо, Чупиќ, Душебаев

 

Врдаровиот тренер Роберто Парондо стана вториот што ја освои ЛШ, како играч и како тренер, по Талант Душебаев. Тој настапуваше и триумфираше во 2008 и во 2009 година, бранејќи ги боите на шпански Сиудад Реал. Вардаровото десно крило, пак, Иван Чупиќ стана првиот ракометар кому му успеало во Келн да слави трипати, со Киелце (2016) и двапати со Вардар. Вардар, пак, стана само третиот клуб што двапати го подигна трофејот во ЛШ, откако се игра фајналфор во Келн. Тоа им успеа само на Кил (2010 и 2012) и Барселона (2011 и 2015). Најефикасен стрелец годинава во ЛШ е десниот бек на Киелце, Алекс Душебаев (99 гола), додека, пак, леворакиот вардарец Данаис Кристопанс е втор (44). 


Барселона го одигра најефикасниот меч на фајналфор

Ракометарите на Барселона поставија нов рекорд во историјата на фајналфор-турнирите во Келн според бројот на постигнати голови во еден меч. Мечот за бронзениот медал меѓу Барселона и Киелце заврши со резултат 40-35. Никогаш досега навивачите во Келн не виделе меч со 75 гола во регуларно време, а исто така рекорд се и 40-те постигнати гола од еден тим за 60 минути на фајналфор-турнир. Претходниот рекорд беше поставен во сезоната 2012/2013 кога во полуфиналниот меч меѓу Кил и Хамбург беа постигнати 72 гола односно 39-33. Та.Д.