Фото: Маја Јаневска-Илиева

Карачиќ, Дибиров, Чупиќ, Шишкарев, Мораеш и капитенот Стоилов викендов ќе имаат можност вторпат да го кренат пехарот во ЛШ бранејќи ги боите на Вардар, кој утре од 18 часот одново, како и во сезоната кога стана европски првак, игра со Барселона во полуфиналето на ЛШ

Ќе се повтори ли викендов Келн 2017 година, кога ракометарите на Вардар го кренаа славеничкиот пехар во Лигата на шампионите (ЛШ) и со тоа го постигнаа најголемиот клупски успех во македонскиот клупски ракомет. А таа можност ја имаат шест вардарови ракометари што беа дел од тој триумф – Игор Карачиќ, Тимур Дибиров, Иван Чупиќ, Данил Шишкарев, Рожерио Мораеш и капитенот Стојанче Стоилов.

Уште тројца тогашни вардарци, но во други клубови се присутни годинава на фајналфорот во Келн, голманот Арпад Штербик (Веспрем), Лука Циндриќ, Алекс Душебаев (двајцата во Киелце). Црвено-црните и сега, како и тогаш во полуфиналето, утре од 18 часот, ќе играат против осумкратниот европски првак Барселона, која тогаш беше совладана со 26-25, а во финалето и француски ПСЖ со 24-23. Во првото полуфинале (15.15 ч.), Веспрем игра со Киелце. Годинава во групната фаза, Шпанците двапати го победија Вардар, во Скопје со 30-26, а на свој терен со 34-26. Вардарци и лани играа во Келн, каде што го освоија 4-то место со два минимални пораза од Монпелје и од ПСЖ.

– Пласманот во Келн е благодарение на нашата секојдневна напорна работа. Но ако сакаме да ја победиме Барселона ќе мора да играме добро во нападот и во одбраната од почеток до крај на средбата. Мислам дека сега сме подобар тим отколку кога игравме со нив годинава, па се надевам дека можеме тоа и да го покажеме во Келн. Сите четири екипи имаат шанси да победат. Важно е дека играме во Келн, а кога ќе заврши првиот натпревар, ќе се фокусирам на следниот – вели вардаровиот тренер Роберто Гарсија Парондо.

Сите финалисти сезонава беа дел од групата А, во која Барселона беше прва со 24 бода, Веспрем втор со 19, Вардар трет со 19, а Киелце четврти со 14 бода. Во четвртфиналните дуели, Барселона беше поуспешна од Нант, Киелце од ПСЖ, Веспрем од Фленсбург, а Вардар од Сегед.

Киелце четири пати бил на фајналфор-турнирите, а победил само во 2016 г., додека Веспрем иако имал шанса шест пати, уште не триумфирал. Во Келн трета година во низа ќе нема германски претставник. Сите четири екипи имаат шпански тренери. Точно пред 10 години, шпанскиот Сиудад Реал ја освои третата титула, а годинава во Келн дури тројца тренери беа дел од тој клуб во тоа финале – сегашниот тренер на Киелце, Талант Душебаев и тогаш беше тренер, а Парондо и Давид Дејвис (сега тренер на Веспрем) беа играчи. 


Манасков: Во Келн нема фаворити

Двапати игравме во групната фаза против Киелце и двапати минимално го победивме. Во Келн нема фаворити и сѐ може да се случи. Ќе одиме чекор по чекор напред. Многу сум среќен што ќе дебитирам на ваков настан, а за кој мечтае секој ракометар во кариерата. Ова е мое прво учество во Келн и се надевам дека на титулата во домашното првенство ќе ја додадеме и оваа во ЛШ, вели Дејан Манасков, левото репрезентативно крило на Македонија.