Вардар, како и лани, ќе игра со Киелце, Барселона и со Кристијанстад, но и со европскиот првак Монпелје, Мешков, Веспрем и Левен. Металург, пак, е во група со ланските противници Спортинг, Бешикташ и Чеховски М., но и со Силкеборг и со Татран
Македонските претставници во ракометната Лига на шампиони (ЛШ), Вардар и Металург, вчера со ждрепка ги добија противниците за новата сезона во ЛШ. Македонскиот првак Вардар во новата сезона ќе биде во групата А, во која доби исклучително силни ривали, против кои одново ќе треба да ги одмерува силите на терен.
Црвено-црниот тим на тренерот Роберто Парондо во групната фаза ќе се соочи со европскиот првак Монпелје, полскиот првак Киелце, шпанскиот гигант Барселона, белорускиот шампион Мешков Брест, унгарскиот вицепрвак Веспрем, шведскиот Кристијанстад и германскиот вицепрвак Левен.
Противници на македонскиот вицешампион Металург во групата Ц ќе бидат добро познатите минатогодишни ривали, турскиот првак Бешикташ, рускиот шампион Чеховски Медведи и португалскиот првак Спортинг, а во групата се и старите познаници, данскиот првак Силкеборг (играа во минатото во иста група) и словачкиот шампион Татран (со кој се сретна во групата пред две сезони и со кој постојано игра во Регионалната лига).