Домаќинот на Суперглоуб, екипата на Ал Вехда, ќе биде денешен противник на Вардар (13.30 пренос на ТВ Телма) во борбата за третото место на неофицијалното клупско Светско првенство, кое се игра во Дамам, Саудиска Арабија. Актуелниот европски шампион Вардар, како и пред две години, така и сега, вторпат не успеа да се избори за финале на Суперглоуб. Црвено-црните овој пат беа запрени од германскиот гигант Кил, кој славеше со 34-30 (19-17). Вардарци ја имаа контролата врз играта во почетните 20 минути од натпреварот, кога имаа предност од три гола (14-11), но Кил ја промени одбраната, заигра подлабоко и поистурено на вардаровата бековска линија, што предизвика низа технички грешки и промашувања кај скопјани, кои, пак, искусните Германци ефикасно ги материјализираа во своја корист.

– Одигравме добро во првото полувреме, во кое покажавме дека можеме добро да играме и во напад и во одбрана. Но потоа направивме низа грешки, кои Кил одлично ги искористи, а кога таква екипа ќе поведе со девет гола разлика, тогаш тешко се стигнува. Најголема пречка ни претставуваше расположениот голман Никлас Ландин, кој имаше клучна улога на почетокот од второто полувреме. Видов многу работи што можеме да ги подобриме во играта и ќе работиме на тие сегменти до почетокот на натпреварите во Регионалната лига (РЛ) и во Лигата на шампионите (ЛШ) – рече тренерот на Вардар, Шпанецот Давид Писонеро, по поразот од Кил.

Шпанскиот првак Барселона и германскиот вицепрвак Кил ќе се борат во финалето за титулата светски клупски првак. Барселона е во улога на бранител на титулата, а наедно е и најтрофеен тим на Суперглоуб, со четири титули (2013, 2014, 2017, 2018) и едно трето место (2015). Кил има една титула (2011) и едно сребро (2012). Во својот прв настап во 2017 година, вардарци го освоија третото место. 


За трето место, денес 
Вардар – Ал Вехда 13.30 ч. 
 
Финале, денес
Барселона – Кил 16.20 ч.