Политичко-историски фељтон:
Чиј е Гоце Делчев
Во последните месеци, поврзано со Договорот за соработка и добрососедски односи, помеѓу Република Мaкедонија (сега Северна) и Република Бугарија, во печатените и електронските медиуми, но и во повеќе изјави од високите нивоа на бугарските и македонските власти, лека полека, централна тема стана чиј бил Гоце Делчев – бугарски или македонски револуционер, односно дали тој бил Бугарин или Македонец. На самиот почеток со неверување гледав на ова. Си велев, зар е можно на толку ниско рамниште да биде сведена работата на паритетно основаната комисија, условно кажано, за историско-образовни прашања.
Во исчекување резултати од комисијата, во вид на препораки до двете влади, во еден момент, со оглед на спласнувањето на „бурата“ што веќе беше настанала во медиумскиот простор за најмаркантната илинденска личност (Гоце Делчев), си бев рекол: Фала ти Господе, што комисијата, сепак, е оставена на мира да си ја доврши својата работа. Охрабрувачки дејствуваше и фактот пренесен во медиумите дека членовите на комисијата веќе, ако така може да се каже, успешно ги апсолвирале прашањата поврзани со царот Самуил и неговата држава, со св. Кирил и Методиј, св. Климент и Наум и, ми се чини, со Григор Прличев. Ваквата моја верба, на некој начин, почиваше и на изјавата дадена од висок функционер на Владата на Република Бугарија (министерот Каракачанов), при неговата последна посета на нашата држава.
Мојата перцепција, за жал, многу брзо се покажа за неточна. Потврда за тоа е изјавата од премиерот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов, дадена по заедничкото чествување и положувањето на венците (од македонска и бугарска страна) на вечното почивалиште (во црквата „Св. Спас“ во Скопје), на Гоце Делчев, а по повод државниот празник Илинден 2019 година.
Ако се запрашате зошто го велам тоа, одговорот е затоа што централна точка во таа изјава е токму личноста на Гоце Делчев, макар што во неа директно не е спомнат самиот Делчев. За да се увериме во ова, нужно ќе биде кратко да се елаборира нејзината содржина. Нека ми биде допуштено да го пренесам самиот текст на изјавата на Борисов. Еве што вели тој во неа: „Комисиите мора да постигнат компромис до октомври. Не треба да се пречекори октомври. Комисиите мора секојдневно да работат.“ Тој, продолжувајќи уште, додаде: „Тоа прашање мора да се реши. Кога ќе ми ја дадат папката со тоа што е договорено меѓу комисиите, тогаш ние во Бугарија ќе решиме што треба да се прави. Ова сценарио сакаме да го одбегнеме по секоја цена.“ При ова, особено занимлив е и следниот дел од неговата изјава: „Наш заеднички интерес е да бидете во НАТО. Нашите херои го дале животот за да стекнеме придобивки за својот народ. Ние немаме ништо против. Инаку, ќе бидам обвинет дека сум ја предал историјата на Бугарија. Јас имам лимит што можам да си го дозволам, знам дека по секоја цена комисиите треба да донесат решение што ќе биде за перспектива на младите“, изјави Борисов.
Елаборацијата на цитираната изјава на премиерот верувам ќе нѐ убеди во горенаведеното мислење дека иако Гоце Делчев во неа не е спомнат категорично, сепак, таа му е посветена токму нему, а дури преку него и на неговата револуционерна генерација. Според мое видување, во неа постојат повеќе показатели што и ќе го потврдат тоа. Првиот од нив се препознава во рокот утврден од премиерот, во кој комисијата мора да ја заврши својата работа. Тој рок, како што вели во изјавата, е „до октомври“, а тоа практично значи до истекот на септември. За волја на вистината, тој зборувајќи за цитираниот рок („до октомври“) допушта и мало отстапување од него, па вели дека со тој рок „не треба да се пречекори октомври.“
Секоја случајност, во однос на цитираните рокови, овде е исклучена. Барањето на премиерот комисијата целосно да ја заврши својата работа „до октомври“ би можело да биде и в ред, но само под услов во договорот да постоеше таков утврден рок. Во тој случај, колку и да не се согласувам со таквата одредба, би се придружил на почитувањето на тој рок. Но таква одредба нема, ниту е соопштено такво нешто порано како услов. По ова, ќе си дозволам да размислувам дека бугарската страна, по секоја цена, сака да издејствува препорака за етничката припадност на Делчев, по мера што ѝ одговора нејзе. Токму, се чини, и поради тоа премиерот ќе рече: „Тоа прашање мора да се реши“, (не кога било) во рокот што сам го определил во својата изјава. Тој негов рок, видовме, е „до октомври“, а тоа всушност значи до крајот на септември, односно со малото отстапување што го прави со тој рок „не треба да се пречекори октомври.“ По ова, како што вели премиерот, „кога ќе ми ја дадат папката со тоа што е договорено… ние во Бугарија ќе решиме што треба да се прави.“
Покрај горенаведеното, во прилог на тоа дека изјавата на премиерот Борисов е, пред сѐ, фокусирана на прашањето што поскоро да се дојде до однапред очекуваниот резултат за етничката припадност на Делчев, ми се чини, доволно јасно зборува и нејзиниот завршен дел. За работите да бидат што појасни, во врска со ова тврдење, уште еднаш го приложувам тој дел од изјавата, во кој премиерот вели: „Нашите херои го дале животот за да имаме придобивки за својот народ… Ние немаме ништо против. Инаку, ќе бидам обвинет дека сум ја предал историјата на Бугарија. Јас имам лимит што можам да си дозволам…“ Тргнувајќи од содржината на цитираниот дел од изјавата, ќе се согласите дека тој дел, како и претходно елаборираното, во основа, е поврзан со Делчев. Оттука, и заклучокот дека тој и нема поради што друго да стравува да биде „обвинет“ дека „ја предал историјата на Бугарија“, освен ако како премиер на Владата на Република Бугарија би се согласил со идентитет на Делчев различен од бугарскиот. Но тој, и да сакал, не можел да го направи тоа, нели, затоа што имал „лимит“ преку кој не можел да оди.
Не помалку зборува и категорично изнесениот став за Гоце Делчев на Екатерина Захариева, министерка за надворешни работи, соопштен на еден од електронските медиуми во Република Бугарија. Имено, тој став на министерката (а преку неа и на Владата), за Делчев, се сведува на тоа (парафразирам): дека македонскиот дел од комисијата, а преку неа и македонската влада мора на недвосмислен начин да го потврдат, односно прифатат како неоспорен фактот дека народносното чувство на Гоце Делчев е бугарско. Тоа, според неа, дотолку повеќе, било нужно да се направи бидејќи, нели, и самиот тој го имал изразувано ваквото чувство на припадност. Поради тоа, бугарската страна не е подготвена да прави, како што вели самата, „компромис со вистината“, притоа изнесувајќи го и ставот дека македонската историја, всушност, е изградена на антибугарска основа. Оттука, и во Македонија треба, конечно, да биде напуштен „фалшивиот национализам“ и да престане „воспитувањето во лаги“ односно да се „лажат децата“.
Ако кон ова ја придодадеме и заложбата на г. Ангелов, претседател на бугарскиот дел од комисијата (читај на Владата), за свикување вонредна седница на двата нејзини состава, дури и пред септември, тогаш уште појасно станува дека бугарската страна е заинтересирана што поскоро народносното бугарско чувство на Гоце Делчев да биде прифатено како неоспорен факт од македонска страна.
Гледана од бугарска страна, и самата идеја за основање на Комисијата за историско-образовни прашања, како да е базирана на фактот по секоја цена да се дојде до однапред очекуван резултат поврзан со случајот на Гоце Делчев, кој, (резултат) натаму би бил користен како неоспорен факт за тоа дека македонската историја, и тоа не само онаа до Делчев туку и онаа по неговото време, всушност до АСНОМ 1944 година, навистина е заснована на антибугарската основа. Меѓутоа, со цела почит кон другата страна и кон историските факти што зборуваат за испреплетеноста во историското минато на двата народа искрено, сакам да верувам дека не сум во право во однос на овде изнесената размисла поврзана со идејата за основање на Комисијата за историско-образовни прашања.
Заслужуваат да бидат разгледани уште две прашања. Првото е поврзано со зборот „мора“. Имено, тој збор во изјавата на Бојко Борисов се јавува во три варијации, и тоа: „Комисијата мора да постигне компромис до октомври“; „Комисијата мора да работи секојдневно“; „Тоа прашање мора да се реши.“ Пораката од овие три вида „морања“ за мене е кристално јасна. Таа е наредба или, со други зборови, императив упатен од посилната страна на договорот. Колку и да сакав за овој императив да употребам некој поумерен збор од зборот ултиматум, таков, за жал, не успеав да пронајдам. Од наредбата дефинирана како ултиматум произлегува дека тој (ултиматум) беспоговорно треба да биде прифатен од другата страна на договорот.
Да заклучам: ваквиот пристап, според мене, е непримерен и, оттука, многу повеќе штетен отколку корисен. Ова особено гледано и од аспект на природата на работата на комисијата. Нејзината работа е исклучиво стручна и научна и токму поради тоа таа не може да биде подложена на какви било надворешни влијанија (вклучувајќи ги, во случајот, и цитираните „морања“ од изјавата на Борисов). Но ова и не само поради изнесеново, туку и поради исклучително обемниот историски материјал што е предмет на разгледување од комисијата и кој треба да биде проверен низ продлабочена стручна и научна оцена. Во овој контекст, не треба да биде запоставен и фактот дека тој материјал покрива и многу долг временски период од историите на двете држави, во кој се испреплетувале и многу интерни, регионални и интереси од геополитичка природа на големите европски сили од тоа време.
Оттука, ако се испушти од вид изложеното и договорот за добрососедски односи и соработка Бугарија го разбира исклучиво како политички акт, кој неа, како посилна страна, ѝ овозможува во своите права да оди и надвор од самиот тој договор (каков што, на пример, е случајот со утврдениот од неа рок за завршување на работата на комисијата), тогаш, освен насловот „Договор“, не останува ништо друго од него. Меѓутоа, ваквото разбирање на договорот од бугарска страна може да се земе и за прифатливо, но тоа само под услов ако претходно јасно ѝ било ставено на знаење на македонската страна и, притоа, таа да се согласила со тоа. Во тој случај и нема што да ѝ се приговара на првава страна (бугарската). Но во моментот барем јас немам сознание за некаква дадена таква согласност од македонска страна.
(продолжува )