Со една нога надвор од ЕУ, Британија реши да ја зајакне економската соработка со Кина. Потегот нема да им се допадне на нивните најголеми сојузници САД, кои во моментот водат жестока трговска војна со Кина
Британија, која е во процес на излегување од ЕУ и има силен сојуз и соработка со САД, особено во воено-безбедносната сфера, реши да склучи трговски договор со Кина тежок половина милијарда фунти. Обединетото Кралство сака да ги следи националните интереси на просторот на Далечниот Исток, особено во однос на економската соработка со Кина, земја над која Британците историски секогаш имале силно влијание.
Сега, кога Кина е голем и самостоен глобален геополитички и геоекономски субјект, Британија сака да ја зачува можноста за промовирање на своите интереси преку соработка, а не конфликт со Пекинг, иако тоа речиси сигурно не му се допаѓа на Вашингтон, кој во моментот води жестока трговска војна со Кина. Лондон ја поддржува и кинеската иницијатива „Пат на свилата“, на која САД силно се спротивставуваат. Сепак, САД во тој поглед не можат ништо да променат, бидејќи Британија им е најголем и клучен сојузник, па на неа тешко можат да ги спроведат веќе испробаните методи на закани со санкции, кои досега администрацијата на Доналд Трамп ги употребуваше и врз ривалите, но и врз традиционалните американски партнери.
На десеттиот британско-кинески економски и финансиски дијалог (ЕФД) неодамна во Лондон двете земји потпишаа заеднички договори со износ од 503 милиони фунти. Британскиот министер за меѓународна трговија Лиам Фокс изјави дека договорите со Кина овозможуваат отворање нови работни места во Обединетото Кралство во различни сфери. Двете страни потпишаа договори за инвестиции на кинеските фондови во британските мали и средни претпријатија, проширување на пласманот на кинеските платежни картички „јунионпеј“ и зголемување на соработката во областа на управувањето со финансиски средства. Низа кинески банки, здруженија и Шангајската берза изразија свои планови за отворање нови или за подобрување на услугите на постојните канцеларии во Лондон.
Кинеската државна енергетска компанија „Чајна нешнел петролеум корпорејшн“ (ЦНПЦ), заедно со компанијата ИНЕОС, ќе инвестира во нов проект за производство на електрична енергија во британската фабрика, која треба да биде изградена до 2022 година.
Исто така, склучени се и низа договори во сферата на образованието, високата технологија и прехранбената индустрија. Лондон и Пекинг се договорија за извоз на британско говедско во Кина во износ од 230 милиони фунти во текот на следните пет години.