Ненад Костески со 40 гола е најдобар стрелец на СП по групната фаза Фото: Игор Бансколиев

Единствени светли точки во македонскиот состав се голманот Марко Кизиќ (40 одбрани), капитенот Мартин Серафимов, кој е втор стрелец со 37 гола, а прв според бројот на асистенции (31), и десното крило Ненад Костески, кој со 40 гола е најдобар стрелец на СП по групната фаза

По лошата игра и високиот пораз од селекцијата на Јапонија (22-31) во последното коло од групната фаза на Светското првенство (СП) за ракометари до 19 години, што се игра во Скопје, избраниците на македонскиот селектор Данило Брестовац за противник во првата елиминациска рунда, односно осминафиналето, ќе ја имаат првопласираната селекција од групата Д, а тоа е Португалија.
Португалците на ова СП дојдоа со вајлд-карта, односно како замена за селекциите на Нов Зеланд и Океанија, кои го откажаа својот настап на Мундијалот. Во групната фаза Португалците забележаа пет победи во исто толку натпревари. Во 1-то коло ја совладаа Германија (33-26), а потоа славеа и над Србија (22-21), Исланд (28-24), Тунис (30-24) и Бразил (36-29).

– Ни претстои уште еден тежок натпревар против селекцијата на Португалија, која игра одлично во досегашниот тек од првенството. Со пласманот во осминафиналето нашата цел е остварена, иако според прикажаната игра далеку сме од нивото потребно за успех на едно вакво големо натпреварување – вели македонскиот селектор Данило Брестовац.

Со исклучок на голманите, сите 14 ракометари од составот на Португалија запишаа голови во победите на својата селекција. Најефикасни се ракометарите од бековската линија, кои реализираа 64 погодоци од девет метри, крилата постигнаа 15, а пикерите од линијата од шест метри додадоа уште 14 гола. Од контранапад и транзиција, Португалците реализираа вкупно 41 погодок, а од линијата од седум метри 12. Најдобар стрелец во португалскиот состав е левиот бек Салвадор Салвадор, кој 24 пати ја погоди противничката мрежа, а следен со 21 погодок е организаторот на играта, Андре Соуса, кој наедно е и најдобар асистент во селекцијата со 14 асистенции. Меѓу поефикасните се и бековите, Мартим Коста со 16 и Жоел Рибеиро со 15 погодоци.

По петте одиграни меча од групната фаза, единствени светли точки во македонскиот состав се голманот Марко Кизиќ (40 одбрани), капитенот Мартин Серафимов, кој е втор стрелец со 37 гола, а и прв според бројот на асистенции (31), и десното крило Ненад Костески, кој со 40 гола е најдобар стрелец на СП по групната фаза.
Покрај Португалија, максимален ефект по петте кола од групната фаза имаа и селекциите на Данска и на Хрватска, кои во осминафиналето за противници ги имаат Тунис, односно Унгарија.

Аргентина, Египет, Тунис и Јапонија се четирите неевропски репрезентации што обезбедија пласман во втората рунда од ова натпреварување, додека пак, селекцијата на Србија е единствената европска селекција што не ја помина групната фаза.


Осминафинални дуели
Аргентина – Германија 14 ч.
Египет – Словенија 14 ч.
Исланд – Јапонија 16.15 ч.
Хрватска – Унгарија 16.15 ч.
Данска – Тунис 18.30 ч.
Франција – Норвешка 18.30 ч.
Португалија – Македонија 20.45 ч.
Шпанија – Шведска 20.45 ч.

Президент-куп
Чиле – Канада 9.30 ч.
Нигерија – Бразил 9.30 ч.
С.Арабија – К. Тајпеј 11.45 ч.
Бахреин – Србија 11.45 ч.