Илјадници луѓе во Босна учат германски јазик. Поради недостиг од можности во својата земја, талентираните млади Босанци емигрираат во ЕУ, надевајќи се на посветла иднина во странство. Празни се цели градови и села
На курсот за почетници, повеќето присутни едвај зборуваат германски јазик, но тие веќе знаат зборови што ќе им бидат корисни подоцна, како „диплома“, „посакувана плата“ и „апликација за работа“. На глас читаат реченици како, на пример: „Г. Киндлер би сакал да работи во гаража како механичар“.
Јосип Штркаљ (24) седи во вториот ред од училницата и се концентрира на материјалите пред себе. Тој лани стекнал универзитетска диплома за инженер за безбедност при работа и едвај чека да го научи германскиот јазик. Целта му е да емигрира во Германија и тоа може да му се оствари само за неколку месеци. Неговата девојка веќе живее таму, во градот Улм.
– Никој не обрнува внимание на какви било правила во нашата земја. Ми се допаѓа Германија. Ми се допаѓа што сè е на место и сѐ е предвидливо – вели тој.
Драгана Црноја и нејзиниот колега Тарик Зjајо држат вечерни часови по германски за возрасни во едно стручно училиште во босанскиот град Јајце. Часовите, кои се одржуваат неколкупати неделно, се исклучително популарни зашто многумина од градот и од околните села се надеваат дека ќе емигрираат во Германија или во Австрија.
Тоа е честа појава во целиот регион на Западен Балкан. Во изминатите години, земји како Босна и Херцеговина, Србија, Македонија и Албанија доживуваат еден од најголемите егзодуси во мирни услови во досегашната историја. Лошата економија ги брка луѓето, но тие се поттикнати и од широко распространетото чувство дека немаат светла иднина.
Владите во регионот се корумпирани и лошо управуваат. Сите земји во регионот сакаат да влезат во ЕУ, но таа во моментот е изморена од проширување. Значи, ако Европа не доаѓа на Балканот, жителите на Балканот мора да одат во Европа. Германија и другите членки на ЕУ имаат итна потреба од медицински сестри, негуватели, компјутерски експерти и квалификувани трговци, и тие нудат далеку повисоки плати од оние на Балканот.
Црноја (38) ужива да предава, но има измешани чувства за курсот што го држи.
– Сѐ повеќе деца исчезнуваат од државните училишта затоа што нивните родители ја напуштаат земјата. Во меѓувреме, сѐ повеќе луѓе доаѓаат на моите вечерни курсеви по германски јазик. Не сум баш задоволна од тоа – вели таа.
Поради привлечноста на Западот, многу рурални области во Западен Балкан останаа без население. Малите градови се пусти, цели села се испразнети, некои основни училишта имаат само по шест или седум ученици, куќите се распаѓаат, а улиците и јавните згради се уништени до неповрат.
Истото важи за Јајце и за околината. Градот беше седиште на босанските кралеви од средниот век и беше една од најпопуларните туристички дестинации во регионот, кога земјата беше дел од поранешна Југославија, но исто така беше и едно од најпогодените места во војната во Босна. Од над 45.000 жители во општината Јајце во 1991 година, денес таму живеат само 27.000 лица, и тоа официјално. Вистинскиот број на жителите веројатно е многу помал.
Чекорејќи низ родното село Царево Поље, Штркаљ со прстот покажува кон куќите лево и десно од патот и вели: „Германија, Австрија, Германија, Германија, Шведска“. Штркаљ живее со родителите и со двете сестри во голема куќа опколена со многу празни згради. Неговиот татко, Ивица Штркаљ, бравар по занает, бил тешко ранет во рамото како војник и заедно со сопругата избегал во Шведска во 1994 година, каде што се родил Јосип. Од носталгичност, неговите родители по војната се вратиле во Јајце. Бидејќи војната го оставила делумно онеспособен, тој добил пензија, но многу години на црно работел на бензинска пумпа. Мајката на Јосип работи како готвачка во еден хотел.
Ивица Штркаљ (50) никогаш не се кае за одлуката да се врати назад. Тој е поврзан со родното село, но вели дека животот во Босна е тежок.
– Ова не е земјата за која се борев. Таа не им овозможува на нашите деца да живеат пристоен живот, дури и ако имаат добро универзитетско образование. За многу работни места, неопходно е да се има врски или да се членува во партија. Политиката е вклучена насекаде. Инаку, треба да платите мито. Затоа можам да разберам зошто Јосип сака да си замине – вели тој.
Јосип дипломирал лани и оттогаш работи како практикант во приватна компанија за преработка на метали во Јајце. Ако има среќа, тој би можел да биде вработен од компанијата кога ќе заврши со стажирањето. Но нема шанси да добие работа на друго место во реонот, како во локалната централа. За тоа се потребни врски, вели тој. Тој барал можности за вработување во јужна Германија и ги посетил роднините во Штутгарт и девојката Валентина во Улм, која работи во слаткарница. Неговата цел сега е да добие диплома по германски јазик за да може да се вработи како инженер во Германија.
Регионот околу Јајце има повеќе различни лица, а контрастот помеѓу распаѓање и напредок е голем. Многу иселеници ги користат парите што ги заработуваат во странство за да градат големи домови назад на Балканот, со тераси, гаражи и со долги патеки. Тие престојуваат во домовите само еднаш или двапати годишно, иако е можно да се вратат во Босна кога ќе се пензионираат.
Во селото Подмилачје, бројот на жителите од 700 се свел на само 100. Еднаш годишно, илјадници католици се собираат во црквата во селото. Но, околу неа, грмушки ги покриваат напуштените домови, чии прозорци се затворени и заковани пред повеќе години. Тоа е место на тивок и морничав распад.
Славко и Ката Танкуљиќ живеат со двете деца Иван и Луција на самиот крај од селото, на еден рид. Нивната стара куќа била уништена во војната и тие изградија нова по завршувањето на насилствата. Тоа е идиличен имот, со голем овоштарник, свој извор на минерална вода и со убав поглед на долината.
Нивниот 20-годишен син Иван сака да живее во Босна. Тој е професионален фудбалер за клуб во Јајце, кој игра во втората лига. Иван многупати бил во Германија, но брзо се враќал дома. Тој смета дека Германија е „премногу регулирана“ и дека ѝ недостига спонтаност. Сепак, веројатно ќе замине во Минхен, каде што сака да потпише за фудбалскиот клуб ТСВ 1860.
Иван исто така е загрижен за ситуацијата во Босна, но вели дека може да се помири со неа да не беше фактот дека многу негови пријатели веќе се иселени, да не беше стравот дека ќе остане сам и да не беше привлечноста на туѓата земја. Неговата мајка го слуша тивко и внимателно додека зборува.
– Еден ден сигурно ќе се вратам – ја уверува Иван.
Но таа не му верува и посочува дека младите секогаш го велат тоа.