Пет партии и исто толку победи, без ниедно реми, е епилогот во 1-то коло на Затвореното сениорско првенство на Македонија во шах, кое до 28 мај се игра во хотелот „Континентал“ во Скопје, во 9 кола (Бергеров систем), во конкуренција на 10 шахисти.
ФМ Тони Лазов во скандинавска партија го победи искусниот ФМ Љубиша Андоновски, откако решавачки се покажа пионот на Ф-линија. Првиот фаворит на првенството, ВМ Кирил Георгиев, во кралска индиска одбрана (фијанкето-варијанта), по голема борба го скрши отпорот на ФМ Роберт Велески, откако во раната фаза освои пион, а заканата на Б-пионот со убава жртва на квалитет, успеа да го промовира во нова кралица.
Искусниот ВМ Звонко Станојоски во сицилијанска одбрана (најдорф-варијанта), во комбинаторен стил и со жртва на кралица за два топа, кои се пробија на првиот ред, го принуди младиот Емил Ристески (15) да се предаде. ИМ Филип Панчевски во кралска индиска одбрана го надигра ИМ Орце Данчевски, откако белиот пион со поддршка на ловечката двојка успеа да продре на седмиот ред. Младиот ИМ Никола Николовски во најдолгата партија на колото, во мошне возбудлива холандска одбрана, го победи Емил Крстев, кој иако имаше квалитет на таблата и имаше реми со повторување потези, на крајот беше и матиран.
– Беше тоа интересна борба, каде што противникот одигра подобро и успеа да ме надигра. Сепак, реализацијата не ја одигра најдобро и под притисок на недостиг од време, полека ја испушти предноста и ми даде шанси, кои на крајот ги искористив – вели Николовски.