Фестивалот за децентрализирана култура – „Блендер“, ќе се одржи на неколку локации во Скопје, од 13 до 15 јуни. Целта на овој проект е коренита и суштинска децентрализација на културата во нашата земја, преку креирање интрарегионални партнерства меѓу локалните институции, организации и индивидуалци, како и нивно вмрежување со сродни институции од главниот град.
– Целта не е само организирање на еден ефемерен настан, туку поставување темели за натамошни слични акции и случувања, кои директно ќе ја збогатат локалната културна сцена и ќе создадат плодна почва за самоорганизирање и иницијатива – велат организаторите.
На 13 јуни, на полноќ, фестивалот ќе го отвори Мартчин со диџеј-сет, по што следува диџеј-сетот на Роботек во „Капан-ан“.
А на 15 јуни во Кинотеката на Северна Македонија, со почеток во 20 часот, ќе има проекција на филмови на Божа Васиќ (Нови Сад, Србија), односно на филмовите „Дами во бело“, „Дефинирање на гравитацијата“, како и изложба на фотографии од серијата „Поместување – кога твојот свет се превртува наопаку“.
Фестивалот ќе го затвори бендот „Д локал блу“. Музиката на скопското трио, кое го сочинуваат Кристијан Савиќ на гитара, Панде Ефтимов на бас и Кристијан Новковски на тапани, е динамична и психоделична.
– Нивниот звук не може да се опише како збир на секојдневни, тривијални вибрации, ниту пак да се дефинира низ призмата на постојните жанрови. Напротив, текстурата на звукот на бендот претставува цврста основа за креирање несекојдневни и уникатни звуци, кои се филтрираат преку кохезивноста на инструменталистите. Нивната константна склоност кон импровизациските преформанси се одразува на развојот на нивните творечки процеси и наедно продолжува да ја збогатува андерграунд-сцената во скопските кругови – информираат од „Блендер“.