Владо Димовски

Прибидејќи многу ја почитувам оваа рубрика, мошне сериозно се подготвувам за секоја напишана реченица. Прибидејќи текстовите ги пишувам со голема мотивација, поприлично се задржувам на секој збор. И прибидејќи понекогаш намерно грешам, поприлично сум радосен кога ќе ги откријам грешките. Вие ги откривте?!… А? Јас ги открив. Еве ги! На бидејќи не му се става префиксот „при“, а на прилогот прилично не му се става префиксот „по“. Значи, велиме бидејќи и прилично, а не прибидејќи и поприлично. Јасно како ден!
За крај да ве расположам со еден афоризам: Сите, до еден, беа на моја страна… затоа чамецот ни се преврти!
Со арно, со убаво!


Чувајте го јазикот!

„Јазикот е нашата единствена татковина“, велеше познатиот македонски писател и лингвист Блаже Конески. Но сведоци сме дека токму тој македонски литературен јазик, ние во последниве години не го чуваме, не го негуваме и надградуваме.
Драги деца, за да растете и вие читајќи и зборувајќи на стандарден македонски литературен јазик, во „Колибри“ објавуваме рубрика „Зборуваме македонски“, чиј автор е Владо Димовски, голем пријател на децата и наш познат писател за најмладите и автор на многу детски радио и телевизиски емисии со кои растеа многу генерации, меѓу кои една од најпопуларните беше серијата „Умни глави“ што ја емитуваше Македонската телевизија.
Е па, и бидејќи и вие сте умни глави, се надеваме дека серијалот што го започнуваме, ќе ви помогне да го зборувате македонскиот јазик без грешки, а така и да пишувате!