КИЧЕВО
Училиштето „Кузман Јосифоски-Питу“ деновиве прославува 60 години од своето постоење. Училишното раководство прави напори во сите сегменти да се приближи до европските образовни стандарди. За тоа потврдуваат и повеќето инвестиции во образованието, со набавка на 17 интерактивни табли за сите училници и за еден кабинет, набавка на 3Д-печатач, единствен во основните училишта во земјава, а зголемен е и книжниот фонд за нови 400 примероци на книги, од кои дел и лектирна литература.
– Библиотеката во нашето училиште на крајот на 2019-2020 година располагаше со вкупно 17.077 книжевни единици, односно располагаше со 1.139 наслови. Од нив, 88 наслови беа лектирни изданија, 125 наслови стручна литература, а преостанатите 926 наслови беа книжевни форми од слободна литература, литература за деца, класична литература, белетристика и слично. Само за две години оваа бројка се зголеми за нови 400 книги, со 30 нови наслови – истакна Драган Андрески, директор на училиштето.
Тој кажа дека училиштето континуирано се збогатува со нови книжевни видови.
– Нашата заложба е во самото училиште да обезбедиме што повеќе литература.
Така, во последните две години, благодарение на нашето домаќинско работење од заштеда од блок-дотациите, училиштето се снабди со преостанатите шест лектирни изданија што недостигаа во училиштето и 80 примероци за одделенска настава, како на пример „Брзалки без врзалки“ од Стојан Тарапуза, „Децата од нашето училиште“ од Јадранка Клисарова, како и со три наслови од лектирните изданија за училиштето, од 6-то до 9-то одделение, со вкупно 40 наслови. Фондот на лектирните изданија беше збогатен со дополнителни 100 книжевни единици благодарение на донацијата од Црвениот крст од нашиот град. На овој начин се доближуваме кон целосно задоволување на училишните потреби во согласност со новиот список на задолжителни и изборни лектирни изданија – посочи директорот Андрески.
Ова училиште се фокусира и кон модернизација на стручната литература, а тој тренд ќе продолжи и наредните години, со уште позасилено темпо.
– Нашиот фокус е свртен и кон модернизација на фондот на стручната литература, преку набавка на збирки задачи за потребата на наставата по математика од седмо до деветто одделение. Преку соработка со локалната заедница и донации, училишната библиотека се збогати со дополнителни 16 наслови во 154 примероци од слободната литература за деца, пред сѐ од македонски автори – заврши Андрески.
Инаку, ова училиште со 640 ученици, почнало со работа во 1961 година, во четири павилјони, каде што се одвивала наставата до пред 13 години, кога беше изградена новата училишна зграда. Овде се образовале над 8.000 ученици и работеле над 200 наставници и учители. Тука почетното знаење го стекнале и Калиопи, Антонио Милошоски, академик Владо Матески и многу други познати личности.