Пол Кругман
Најбогатите се многу побогати отколку што можат да си замислат луѓето
Чудното поглавје од американската претседателска трка за 2020 година заврши деновиве, кога кандидатот Берни Сандерс, по неколку месеци одолжување, конечно ги објави своите даночни пријави. Чудната работа беше во тоа што даночните пријави беа совршено беспрекорни. Зошто тогаш се крена толкава прашина?
Одговорот се чини е во тоа што Сандерс добил многу пари за авторски права за книги по завршувањето на кампањата во 2016 година, па се плашеше дека тоа ќе предизвика наслови во кои новинарите ќе се потсмеваат со него дека сега станал дел од најбогатите еден отсто од населението. Всушност, некои новинари се обидоа да ги проблематизираат неговите приходи.
Сепак, таквите напади се особено глупави. Политичарите кои поддржуваат политики што ќе ги зголемат нивните даноци и ќе ја зајакнат мрежата за социјална сигурност од која веројатно тие нема да имаат потреба, не се лицемери. Ако ништо друго, тие ја демонстрираат својата граѓанска доблест.
Но неуспехот да се разбере што значи лицемерство не е единствениот начин на кој нашиот дискурс за политиката и нееднаквоста излегол од колосек. Привлечната фраза „еден отсто“, исто така, стана проблематична, прикривајќи ја природата на класата во Америка во 21 век.
Фокусирањето на највисокиот еден отсто од пирамидата на распределба на приходите првично беше наменето како коректив на утешната, но лажна претпоставка дека растечката нееднаквост главно се однесува на зголемената исплатливост на образованието. Реалноста е дека во изминатите неколку години типичниот дипломец гледа само скромни придобивки, при што големите пари завршуваат во рацете на мала група на врвот на хиерархијата. Дебатата за „еден отсто“ беше обид да се поедностави разбирањето на оваа реалност и таа да се поврзе со лесно достапните податоци.
Но ако ги ставаме Сандерс и браќата Кох во иста класа, очигледно нешто грешиме на некој друг начин.
Точно, постои огромна разлика помеѓу оние кои се доволно богати за да не мора многу да се грижат за пари и оние кои живеат со финансиската несигурност, која погодува многу Американци кои себеси се сметаат за припадници на средната класа. Според Федералните резерви, 40 отсто од возрасните лица во САД немаат доволно пари за да платат вонредни трошоци од 400 долари. Многу поголем број Американци би биле сериозно погодени од трошоци што рутински се појавуваат, на пример, при болест, па дури и оние кои имаат здравствено осигурување.
Значи, ако некои Американци имаат доволно високи приходи за да можат лесно да си дозволат здравствена заштита и квалитетно живеење, имаат ликвидност и тешко можат да се замислат дека некогаш ќе им притребаат бонови за храна, тогаш тие се дел од привилегираното малцинство.
Но исто така постои голема разлика меѓу тоа да се биде богат, дури и многу богат, и да се има богатство кое би го ставило некого во еден тотално различен социјален универзум. Тоа е разликата што пред три децении беше сумирана во филмот „Волстрит“, кога Гордон Геко ги исмејуваше ограничените амбиции на некој кој само сака да работи за 400.000 долари годишно на Волстрит, да живее удобно и да лета во прва класа.
Дури и сега, повеќето Американци не сфаќаат колку навистина богати се најбогатите луѓе. На еден настан, една колешка беше пречекана со неверување кога напомена дека најбогатите 25 менаџери на хеџ-фондови просечно заработуваат по 850 милиони долари годишно. Но нејзиниот број беше точен.
Една анкета покажува дека Американците, во просек, мислат дека извршните директори на корпорациите се платени околу 30 пати повеќе од обичните работници, што не е точно уште од 1970-тите. Деновиве тој сооднос е многу повеќе, 300 спрема еден.
Зошто треба да се грижиме за многу богатите? Не од завист, туку поради олигархијата. Со големото богатство доаѓа и голема моќ и одвоеност од грижите на обичните граѓани. Тоа што многу богатите го сакаат, најчесто и го добиваат. Но тоа што тие го сакаат често е штетно за останатиот дел од нацијата. Има некои милијардери што се грижат за останатиот дел од нацијата, како некои многу богати либерали. Но тие не се типични претставници на нивната класа.
На многу богатите не им е потребно здравствено осигурување „Медикер“ или социјално осигурување. Тие не ги користат јавното образование или јавниот транспорт. Тие можеби не се ни зависни од јавните патишта (конечно, постојат хеликоптери). Во меѓувреме, тие не сакаат да плаќаат даноци.
Секако, и спротивно на популарното верување, најмногу милијардери (често незабележително) ја користат својата политичка моќ за да ги намалат даноците за најбогатите, да ја ослабат социјалната заштита или да издејствуваат дерегулација. Исто така, финансиската поддршка од многу богатите е најважната сила што сега ја одржува доминантната екстремно десничарска политика во Републиканската партија.
Затоа е важно да се разбере на кого мислиме кога зборуваме за многу богатите. Тоа не се лекари, адвокати или, да, автори како Сандерс, од кои некои ќе завршат во тие „еден процент“. Тоа е многу мал општествен слој.
Ништо од ова не значи дека помалку богатите треба да бидат изземени од товарот на создавање попристојно општество. Здравствената заштита делумно е платена со даноци на приходи повисоки од 200.000 долари, па така и тие од Волстрит што заработувале по 400.000 долари годишно, понеле дел од трошоците. Тоа е океј. Тие можат да си го дозволат тоа. Непристојно е да се бунат дека не се навистина богати, зашто заработуваат по 200.000 долари годишно.
Но треба да можеме да разбереме дека богатите генерално треба да плаќаат повисоки даноци и дека многу богатите се различни од повеќето луѓе и од Сандерс. Класната поделба во срцето на американската политичка поларизација е многу постара и поекстремна отколку што повеќето луѓе, се чини, сфаќаат.
Авторот е добитник на Нобелова награда за економија во 2008 година