Фото: Игор Бансколиев

Енергетската криза, недостигот од енергенти и најновите случувања и хаварии во РЕК „Битола“ дополнително ги вжештија состојбата и стравувањата од можен целосен крах во снабдувањето со енергија. Веќе за денеска се очекува и прогласување кризна состојба во енергетскиот сектор. Од друга страна, надлежните предупредуваат дека моменталната ситуација со нула домашно производство воопшто не е добра и мора брзо да се реагира

Енергетската криза добива застрашувачки размери

Информациите дека РЕК „Битола“ е целосно надвор од функционирање дополнително ја зголеми загриженоста кај граѓаните за понатамошниот тек и последиците од енергетската криза. За денеска се очекува Владата да прогласи крзна состојба во енергетскиот сектор, но енергетските експерти укажуваат дека државата нема да остане во целосен мрак и доколку се случи РЕК „Битола“ подолг период да не работи.
Проблемите што се поврзани со функционирањето на РЕК „Битола“ се очекувани, со оглед на нивната старост, како што вели професорот Антон Чаушевски, кој појаснува дека објектите се изградени пред четириесетина години, поради што е потребна изградба на нови електроцентрали. Чаушевски истакнува дека објекти од ваков тип се градат најмалку три години, а за нив се потребни големи финансии, но дополнува дека за ова требало да се размислува навреме.
– Неопходно е што побрзо блоковите на РЕК „Битола“ да се оспособат, барем два од трите, и да се набави потребниот јаглен. Работите веќе не смеат да се остават на случајност, па затоа следната година веќе во мај треба да почне процесот на набавка на јаглен и на подготовка на блоковите – вели Чаушевски и додава дека стотици илјади тони јаглен не можат да бидат пренесени одеднаш, туку секојдневно по неколку илјади тони.

Професорот Чаушевски е сигурен дека државата нема да се соочи со најлошото сценарио, според кое домаќинствата и индустријата би останале без струја.
– Во најлош случај, претпоставувам дека ќе ни помогне регионалниот енергетски систем, бидејќи, сепак, ние сме мал пазар, кој од нивна страна може да биде толериран – истакнува професорот.
Во меѓувреме, потребите од електрична енергија се дополнуваат од увоз, со преземање струја од европската мрежа и со одредени количества од хидропотенцијалот.
– Ситуацијата е лоша, од утрово повторно презедовме струја, но помалку од претходно, затоа што и времето ни оди во прилог. Сепак, исклучувањето на блокот во РЕК „Битола“ не ни оди во прилог, не се знае што ќе правиме со јагленот и дали, освен РЕК „Битола“, ќе може да се стави во функција и ТЕЦ „Осломеј“. Секако, ситуацијата со нула домашно производство не е добра и не ни оди во прилог – вели првиот човек на МЕПСО, Куштрим Рамадани, кој посочи дека мора брзо да се реагира.
Рамадани уверува дека засега нема да има рестрикции на струја, но ситуацијата останува проблематична, со оглед на тоа што ниту еден домашен капацитет не произведува доволно.


Резервите на критично ниво

„Нова Македонија“ се обиде да дојде до податоци за моменталните резерви и планираните ископи на јаглен во земјава, но такви податоци од надлежните институции до затворањето на денешното издание на весникот не добивме. Некои од институциите со оградија од податоците за расположливоста или набавката на јаглен, нагласувајќи дека станува збор за информации од ценовно доверлив карактер.
Во последната стратегија за развој на енергетиката во Македонија до 2040 година, изработена од Центарот за енергетика и одржлив развој при МАНУ, е посочено дека ресурсите на јаглен за ТЕЦ Битола се ближат до исцрпување.
Од годишниот извештај на Регулаторната комисија за енергетика се забележува дека во текот на минатата, 2020 година во земјава имало вкупно 102 учесници на пазарот на билатерални договори со електрична енергија, од кои 35 трговци, додека 67 производители на електрична енергија.
Сепак, податоците укажуваат дека најголем дел од домашното производство на електрична енергија се добива од ЕСМ.
– Најголем удел во продажбата на пазарот на билатерални договори има АД ЕСМ Скопје, со 74,16 отсто, по што следуваат ТЕТО АД Скопје со 22,98 проценти, „ЕВН електрани“ со 2,67 отсто и преостанатите 64 мали производители се со само 0,19 проценти удел во продажбата на пазарот на билатерални договори – е наведено во извештај на РКЕ.


Се најавува брза санација на РЕК „Битола“

Поради скината цевка, термоцентралата „Битола 1“ е надвор од производство. Од РЕК „Битола“ информираат дека поради скината цевка блокот бил исклучен. Се очекува брза санација и враќање на блокот на мрежа. Во официјалното соопштение од РЕК „Битола“ се истакнува дека поради дефект во котелот на Блок 1, за кој не постоеше никаква можност да биде саниран додека постројката беше во функција, рано изутрината, во 3 часот, Блок 1 е исклучен од електроенергетската мрежа на државата.
Се очекува дефектот да биде саниран до вечерните часови и блокот да биде вратен на мрежата. Во исто време, од РЕК „Битола“ информираат дека се работи и на оспособување на Блок 2, кој беше во ремонт и се очекува и оваа постројка да биде на мрежата до крајот на неделава. М.М.