Членството во ЕУ и во НАТО и понатаму е приоритет во надворешната политика на Литванија, Летонија и на Естонија. Несогласувањата во НАТО и поделбите во Европа и понатаму ќе бидат закана за балтичките држави зашто овие држави зависат од нивните меѓународни сојузи за нивната безбедност, оценува американски Стратфор
За балтичките држави Литванија, Летонија и Естонија, 2018-та е симболична година, затоа што одбележуваат стогодишнина од нивната независност од Руското Царство. Изминатиот век не беше лесен за трите мали држави, затоа што по независноста брзо следуваше окупација, прво од страна на нацистите, а потоа од Советскиот Сојуз. Трите републики беа пет децении под власт на СССР, а независноста повторно ја вратија меѓу 1990 и 1991 година. Изминатите неколку години може да се прогласат за најдобри во нивното проблематично постоење како републики, затоа што никогаш претходно не биле толку просперитетни, демократски или отворени кон светот. Сепак, духовите на минатото не исчезнаа во целост, а балтичките држави повторно со загриженост гледаат на светот околу нив.
Ставовите на владините функционери, академиците, бизнисмените и експертите од балтичките држави имаат една заедничка карактеристика, а тоа е дека Русија се смета за закана. Стравот е резултат на историјата и географијата, затоа што Литванија, Летонија и Естонија се мали, рамничарски држави што лесно можат да се освојат. Нивната позиција покрај Балтичко Море и нивната стратегиска локација на крстопатот меѓу европските, нордиските и рускиот пазар ги направија овие земји привлечни за освојувачите, што објаснува зошто тие толку векови биле под туѓа власт. Регионалните сили како Германија и Шведска владееле со регионот во минатото, но најсвежи се сеќавањата од советската окупација по Втората светска војна.
На крајот на 1990-тите и почетокот на 21 век во регионот се чувствуваше олеснување, затоа што трите држави станаа дел од ЕУ и од НАТО, а Русија првпат по толку години не дејствуваше толку агресивно како порано. Но руско-грузиската војна од 2008 година и особено руската анексија на Крим и нејзината поддршка за сепаратистичките сили во источна Украина во 2014 година, ги разгоре старите стравови од руска агресија во балтичкиот регион. Овие стравови не значи дека потекнуваат од некаква можна инвазија, туку од други форми на агресија, како сајбер-напади, дезинформациски кампањи и поддршка за субверзивните домашни групи.
Во изминатите неколку години, балтичките држави ги зголемија воените буџети и се бореа да ја намалат нивната зависност од руската енергија. Сепак, овие држави и натаму увезуваат значајно количество природен гас и остваруваат голем дел од трговската размена со него. Истовремено, руски пари се присутни во банкарските сектори, а во случајот на Естонија и Летонија, етничките Руси претставуваат околу една четвртина од населението. Иако членството во НАТО наводно го штити регионот од секаков формален воен напад, лидерите на балтичките држави се загрижени за предизвиците на спречување и штитење од други форми на економска, политичка и општествена агресија.
Прашањата за руските намери се поврзани со друга загриженост во балтичкиот регион, а тоа е стабилноста на Северноатлантскиот сојуз. Изборот на Доналд Трамп за претседател на САД создаде неизвесност во регионот, особено откако тој ги критикуваше ниските воени трошења на Европа и, барем за кратко, ги поттикна сомнежите дали Белата куќа ќе ги почитува принципите на НАТО во колективната одбрана. Но чекорите што Америка ги презема се многу поважни од она што го порачува, а реалната слика е дека САД ќе останат посветени на балтичката безбедност. На пример, американските борбени авиони и натаму ќе бидат важен дел од мисијата на НАТО за чување на воздушниот простор на оваа област, а американските сили повремено учествуваат во воените вежби во регионот.
Во почетокот на септември, Трамп дури изјави дека Белата куќа размислувала за отворање постојана база во Полска. Дури и ако идејата никогаш не се оствари, размислувањата даваат јасна порака за поддршка на регионот. Сепак, ова не значи дека денес се исти односите меѓу САД и Европа. Всушност, односите меѓу САД и Германија се влошија откако Трамп застана на чело на државата, а Белата куќа ја критикуваше Германија за огромниот суфицит во билатералната трговија додека истовремено го обвини Берлин дека премалку троши во одбраната. Вербалната војна ги стави балтичките држави во незавидна позиција, бидејќи нивните главни воени сојузници, САД, се препираат со еден од нивните главни економски и политички партнери, Германија.
Членството во НАТО е важен фактор за спречување инвазија, но балтичките држави ќе останат под закана од други форми на агресија, како сајбер-напади и дезинформациски кампањи, нагласува Стратфор
Покрај тоа, надворешната политика на Германија е нејасна во однос на Русија. Иако Берлин ги предводи економските и политичките санкции против Москва поради конфликтот во Украина, таа исто така го бранеше контроверзниот проект за гасоводот „Северен тек 2“, кој ќе пренесува руски природен гас до Германија преку Балтичко Море, со тоа што ја заобиколува Украина како транзитна држава. Германските функционери инсистираат дека „Северен тек 2“ е чисто економски проект, но историјата ги научи балтичките држави да се сомневаат во пактовите меѓу Берлин и Москва.
Постојат дополнителни фактори што ја усложнуваат сликата за владите на Литванија, Летонија и Естонија. Прво, односите можеби се добри меѓу балтичките држави и ЕУ, но истото не важи за дел од сојузниците на балтичките држави. Полска и Романија ги делат стравовите на триото за Русија, вклучувајќи ја и желбата да се намали зависноста на регионот од руската енергија, како и НАТО да биде најмногу што може вклучен во регионот, но Варшава и, до помал степен Букурешт, во моментот се соочуваат со тензии со Европската комисија поради она што Брисел го смета за нарушување на владеењето на правото во овие држави.
Брисел се закани дека ќе ги скрати развојните фондови и земјоделските субвенции за државите ако не ги почитуваат неговите вредности и принципи, додека француската влада предложи дека во следната фаза на континентална интеграција ќе бидат вклучени помалите групи држави наместо целиот блок. Ако Литванија, Летонија и Естонија не се директно засегнати од ваквите иницијативи, можното влошување во односите меѓу главните сојузници на балтичките држави само ќе го зголеми нивното чувство на несигурност.
Конечно, брегзит исто така е причина за загриженост во регионот, особено затоа што Обединетото Кралство е главен сојузник во одбраната од Русија и честопати изгледа како мост меѓу САД и Европа. Во секој случај, Обединетото Кралство само ќе ја напушти ЕУ, а не НАТО, а Лондон сака да ги задржи блиските одбранбени и безбедносни врски со континентот, но излезот од ЕУ предизвикува проблеми во политичките, економските и воените структури што го бранеа балтичкиот регион во изминатите две децении.
Ваквата сложена геополитичка средина создава предизвици и шанси за балтичките држави. Меѓу тешкотиите е и фактот што Русија може да ги искористи тензиите со Европа, како и оние меѓу САД и континентот, во своја полза. Од гледна точка на Кремљ, ако Москва не успее да го натера НАТО, а и до помала мера ЕУ, да се повлечат, тогаш мора да се погрижи во нив да се разгорат поделбите за да не претставуваат закана за Русија.
Сепак, балтичките држави имаат шанса да ги искористат овие тензии за да го привлечат интересот на Америка за регионот, преку иницијативата за трите мориња. Создадена во 2016 година, таа е форум за дискусија на 12 држави од Балтичко, Црно и Јадранско Море и нејзината цел е да ја зголеми економската и политичката соработка во регионот, особено инфраструктурните проекти. Групата побара американска дозвола уште на почетокот. Трамп беше почесен гостин за време на ланскиот самит додека американскиот секретар за енергија Рик Пери присуствуваше на годинешниот самит.
Досега, американската поддршка за форумот е генерално симболична, но Германија е сè позагрижена дека тој може да стане рамка за соработка меѓу САД и Централна и Источна Европа при што ќе ја заобиколи Западна Европа. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас своевремено присуствуваше на годинешниот самит, истакнувајќи дека Берлин сака да стане формален член на групата. Барањето беше потсетник дека, на крајот од денот, Германија е централноевропска сила со интереси и на истокот и на западот од континентот.
Ќе биде интересно да се следи дебатата дали да се прифати Германија како членка. Германското членство ќе вклучува политичка поддршка и финансирање на инфраструктурни проекти (сепак, членките на форумот се мали економии што ќе бидат задоволни со секое вложено евро), но тоа исто така ќе му овозможи на Берлин да ја предводи агендата на регионот. Чекорите на Германија претставуваат особен предизвик за Полска која претендира да ја консолидира својата сфера на влијание во Централна и Источна Европа.
Поминаа сто години откако Литванија, Летонија и Естонија прогласија независност, но надворешните предизвици на државите, како и нивните стратегии, во 2018 година се горе-долу исти како оние во 1918 година. За малите држави опкружени со моќни соседи, неопходно е да развијат колку што е можно повеќе меѓународни сојузи. Членството во НАТО и ЕУ и натаму ќе биде темел во надворешната политика и од клучно значење ќе бидат САД (кои тие ги сметаат за гарант на нивната безбедност) да бидат вклучени во регионот. Во тој контекст, несогласувањата во Северноатлантската алијанса и политичката поделба во Европа претставуваат сериозни закани по нивната безбедност. Соочени со такви предизвици, балтичките држави ќе продолжат да развиваат колку што е можно повеќе политички, економски и воени партнерства за да се погрижат нивната тешко стекната независност да стане правило, а не исклучок, во една историја полна со турбуленции.