Тие што го познаваат отсекогаш го паметат како човек што секогаш беше ведар, насмеан, расположен за шега и (пре)раскажување вицеви.
Во битолската чаршија немаше човек што не го познава. Но судбината си поигра со неговиот живот. Љубовта кон слаткиот живот, а особено кон слатките, не само што го загорчија, туку и во целост му го сменија животот. Поради гангрена најпрво му ја отсекоа едната, а нешто подоцна и другата нога. Сега тој над десетина години животот го живее без двете нозе во количка. Но иако стана тежок инвалид, ведрината никогаш не го напушти.
Напротив тој и без двете нозе остана ист, ведар, насмеан, како кога беше здрав и кога буквално цел ден го поминуваше во битолската чаршија и во битолските меанчиња. Тој беше и остана човек што не знае да се жали или да плаче на својата судбина. Кога пред извесно време од Шведска му пристигна инвалидската количка со моторче на струја, мислеше дека дојде крајот на неговите маки. Но, за жал, се покажа дека тоа не е тоа. Бариерите со кои се среќава во градот се многу помногубројни и во најголем број тешко премостливи, отколку што мислеше.
Деновиве кога инвалидите одржаа протестно дефиле на Широк сокак Гоце Ѓорговски ја отвори душата и во свој стил.
– Не сакам никого да обвинувам. Никој не е виновен што таква ми била судбината, најубавите години од животот да ги живеам во количка. Но тоа што ме нервира е што нашата беспомошност и зависност од помошта од други лица никого не го загрижува, освен нашите најблиски. Постојано слушаме како надлежните ќе ни ги решат нашите проблеми, ќе ни ги направат пристапни голем дел од непристапните места, но сето тоа се само празни зборови. Во практиката многу малку, или воопшто ништо не се прави за отстранување на бариерите со кои се среќаваме – вели Гоце Ѓорговски, кој учествуваше на протестниот марш во Битола, што го организира здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“ Битола.
Со слични пречки во секојдневието во Битола се среќаваат и другите телесни инвалиди, кои наидуваат на голем број бариери во извршувањето на секојдневните работи.
– Јас сум свесна дека никој не ми е виновен поради мојата болест. Но сепак мора градските власти и државните институции да покажат поголема грижа за нас инвалидите. Мора да се преземат мерки да можеме барем еден дел од денот да го поминеме надвор од домот, во кој живееме. Не се седи по цел ден дома во постела. Со тоа си досадуваме и себеси и на најблиските. И ние сме луѓе што сакаат да видат бел ден – вели Олга О., која живее во зграда без пристапна патека.
Приклучувајќи им се на протестниот марш на Широк сокак градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, ја изрази својата солидарност со судбината на инвалидите и ја искажа својата подготвеност да им помогне, ако не да се реши, тогаш барем во извесна мера да се ублажи нивниот проблем.
– Настојувам во нашите средби да целиме точно каде се проблематичните точки што ја попречуваат мобилноста на нашите сограѓани и истите тие да бидат вградени во програми и во инфраструктурни зафати на општината за да се реализираат. Би била пресреќна доколку успееме да го мапираме ова и да го овозможиме уште со ребалансот на буџетот – рече Петровска.
Дека многу малку е направено за отстранување на сите бариери со кои се среќаваат телесните инвалиди се согласува и Бранимир Јовановски, претседател на „Мобилност“.
– Ние колку стручно и да ги направиме анализите, колку и да направиме компаративни искуства за подобрување на одредени права со искуствата од државите од ЕУ, сепак без лобирање и без вистински начин за лобирање, тешко ќе можеме да ги оствариме нашите права – вели Бранимир.
Истакнувајќи дека благодарение на некои активности на некои институции во голема мера се отстранети бариерите во Битола и во повеќе јавни установи или државни институции, како што се судот, СВР-Битола, библиотеката, некои други установи, проф. д-р Марјан Танушевски, инаку претседател на Македонското научно друштво од Битола, кој одржа предавање на темата „Лобираме заедно“, истакна дека порано архитектонските бариери беа најголем проблем, сега сѐ повеќе е човековиот ум како бариера, односно разбирањето на потребата за да им се помогне на лицата со инвалидитет зашто тоа не треба да биде потреба туку култура на однесување.