Бананите не се единственото овошје на светот, но нивниот приказ во уметноста отсекогаш бил шокирачки. Десничарската владата на Полска неодамна ги отстрани видеото и фотографиите од модел како шмука банана од изложбата во Националниот музеј на Варшава, дело на Наталија ЛЛ, од 1973 година. Но Наталија ЛЛ не е сама. Уметниците биле возбудувани, па дури и измачувани поради употребата на ова сугестивно обликувано овошје повеќе од еден век. Вистинското прашање тука е зошто секогаш жената, а никогаш мажот, била таа што е цензурирана кога се возбудува на банана, прашува британски „Гардијан“.
– Нема ништо очигледно сексуално во начинот на кој Пол Гоген насликал голем грст банани во неговото дело „Оброкот“ од 1891 година, познато и како „Бананите“. Тој дошол на Тахити да истражува и очигледно бил вчудовиден од овошјето што дотогаш било непознато за европските очи. Црвеникаво-жолти банани поставени на маса, на која седат три момчиња и чекаат да почнат да јадат. Со оглед на самоуверениот карактер на Гоген и голите жени што ги сликал на Тахити, не е тешко да се забележи неговата лична креативна возбуда за овошјето додека ги планирал уметничките и еротски банкети, кои си ги ветувал себеси – пишува британскиот весник во анализата на употребата на овој мотив во ликовната уметност низ годините.
Сѐ до моментот кога Џорџо де Кирико насликал грст банани во неговото дело „Несигурноста на поетот“ од 1913 година, тие веќе биле достапни во Европа. Но спротивно на „мажественото“ овошје на Гоген, бананите на Де Кирико се нерамномерно расфрлани по подот. Контрастно поставени до осакатена гола женска статуа на мрачен плоштад, тие се шират импотентно. Има нешто неудобно во контрастните црна и жолта боја што доминираат на насловната на дебитантскиот албум на „Велвет Андерграунд и Нико“ од 1967 година, дело на Енди Ворхол. Црно-жолтата поп-банана е налепница.
– Следете ја инструкцијата „Одлепи полека и погледни“, и ќе откриете розово месо под неа. Бананата на Вархол прерасна во симбол на субверзија во комунистичка Европа, каде што чешките дисиденти, вклучувајќи го и Вацлав Хавел, ги почитуваа „Велвет Андерграунд“. Истата политичка „мајмунска работа“ се случува во видеото на Наталија ЛЛ. Делото наречено „Уметноста на потрошувачот“, има јазик – како и парче овошје – во својот образ, изедначувајќи го западниот капитализам со сексуално задоволување.
Сега ова уметничко дело од времето на Студената војна е цензурирано од новата десница. Оваа слика на орално уживање има феминистички, како и дисидентски вкус, и таа воопшто не е единствената банана што ја каснала феминистичката уметност.
„Герила грлс“ користи банани во знак на протест против машката доминација во уметничкиот свет. Сара Лукас заканувачки гледа додека се соочува со една банана во својот автопортрет во 1990 година „Јадење банана“ – пишува „Гардијан“.
Пријателот на Лукас, покојниот уметник Ангус Ферхерст, изваја и настапи како тажен комичен горила. Тој, исто така, создаде џиновска црна скулптура на банана. Бананите се сензуални, но брзо се распаѓаат. Не е ни чудо што плодот на сексот, смртта и слободата сѐ уште има моќ да вознемирува.