Конфликтите ја радикализираа крајната десница, а европските влади не реагираа навреме за да го спречат подемот на новиот фашизам и нацизам
Азим Ибрахим,
Хикмет Карчиќ
Советската инвазија на Авганистан и граѓанската војна што изби по неа беа плодна почва за развој на исламистичкиот радикализам. Таков беше случајот и со другите војни, од Чеченија до Ирак. Но еден критичен конфликт што го обликуваше текот на глобалниот екстремизам и тероризам беше занемарен. Голем дел од актуелниот светски ултрадесничарски екстремизам се готвеше во печката на балканските конфликти во 1990-тите, особено во босанската војна.
Муслиманската страна од оваа приказна е добро позната. На паравојските на босанските муслимани им се придружија илјадници странски доброволци. Некои беа свежи регрути од Западна Европа. Други беа џихадистички ветерани од Авганистан, кои се бореа против советската инвазија во 1980-тите. Спорните вештини развиени од странските доброволци во војната, контактите воспоставени со други екстремисти од целиот свет, како и радикализацијата на битките ги поставија темелите на една цела мрежа исламистичко-екстремистичко насилство со кое светот се соочува до денес.
Овие случувања, сепак, не се однесуваа само на муслиманската страна во конфликтот.
Илјадници доброволци од цела Европа, исто така, се приклучија на православната христијанска војска на босанските Срби и на католичката армија на босанските Хрвати. Хрватската страна особено привлече многу неонацисти од целиот континент во тој период. Тоа, во голема мера, беше благодарение на одлуката на националната влада во Загреб да ги употреби како национални обележја симболите на Независна Држава Хрватска, фашистичкиот марионетски режим на Третиот рајх.
Исто како и во случајот со муслиманските доброволци, христијанските ветерани по војната се вратија во своите родни земји радикализирани и подготвени за нова акција. Некои од овие ветерани беа јадрото на новите десничарски паравојски, што со текот на времето ќе се претворат во моќни политички сили. Еден од позначајните примери е Златна зора во Грција. Познато е дека членовите на Златна зора учествуваа во масакрот во Сребреница на повеќе од 8.000 муслимански Бошњаци во 1995 година, за време на војната во Босна.
Исто како и кај муслиманските доброволци, европските влади беа многу бавни да ја препознаат заканата што овие радикализирани ветерани ја претставуваа за своите општества по нивното враќање. Многумина во Грција во тоа време, вклучувајќи ги и претставниците на владата, ги воспеваа грчките учесници во масакрите, особено по верски и идеолошки линии. Истото се случи и во многу други земји во Источна Европа, особено во Украина, Романија и во Русија, како и во одредени кругови во Западна Европа.
Се разбира, ниту една европска влада не презема никакви познати програми за да ги дерадикализира и реинтегрира вратените борци во општеството. Идејата воопшто не беше ставена на дневен ред. Исто така, не постоеше кривична одговорност за злосторствата што ги извршиле овие луѓе, иако тие беа далечни. Некои борци дури и беа наградени со тоа што стекнаа слава и идна политичка платформа.
Овој неуспех создаде исти лица и мрежи на радикален екстремизам на европското ниво како што се случи и со исламистичкиот тероризам. Списокот на терористи и националистички радикални пропагандисти што произлегуваат од, или се инспирирани од, босанската војна е пропорционално голем. Тука можеме да посочиме некои јавно познати лица во изминатите две децении. Еден од нив е Џеки Арклов, Швеѓанецот кој се бореше на страната на католичките Хрвати, а друг, дури и индиректно, е Андерс Брејвик, извршителот на најстрашниот терористички напад во историјата на Норвешка во 2011 година. Арклов е либериско-шведски неонацист, кој им се приклучил на хрватските одбранбени сили, за кои жртвите велат дека биле одговорни за брутални мачења на жртвите во хрватските концентрациони логори во Херцеговина. Тој бил уапсен и осуден за воени злосторства во Босна. По една година, Арклов бил ослободен и вратен во Шведска по размена на затвореници, каде што бил ослободен од обвиненијата поради недостиг од докази. Тој ја искористил попустливоста на шведската држава, по што создал неонацистичка група во земјата со уште две други лица. Набргу потоа тие биле уапсени и осудени за убиство на двајца шведски полицајци во 1999 година.
Од друга страна, Брејвик не се борел во балканските војни. Тој бил тинејџер во тоа време. Но неговата идеолошка перспектива во голема мера била инспирирана од православните српски екстремисти. Навистина, неговата перспектива во голема мера е претставник на ставовите на европската екстремна десница. Актуелна тема во нивното размислување е идејата за вечна војна помеѓу европските и исламските цивилизации, кои најмногу се борат преку зголемување на населенијата. Од една страна е, како што тие велат, белата европска раса, која ги претставува христијанството и просветителската западна култура (игнорирајќи ги притоа внатрешните противречности помеѓу христијанството и автохтоното европејство или помеѓу конзервативното христијанство и просветителството) и блискоисточните обоени раси, што го претставуваат она што тие го сметаат за средновековен, угнетувачки и регресивен ислам.
Поимот за постојана војна помеѓу христијанството и исламот има долгогодишна историја на Балканот и пошироко. Но идејата дека овој конфликт се води преку демографски натпревар има специфично српска карактеристика. Земете ги за пример изјавите на водачот на босанските Срби, Радован Караџиќ, за време на босанската војна.
– Муслиманите не сакаа да ја трансформираат Босна во конфедерација или да ја поделат на три конститутивни држави за Хрватите, Србите и за муслиманите. Тие ја сакаа цела Босна и Херцеговина за себе. Босанските муслимани, конечно, сакаа да доминираат, потпирајќи се на многу високата стапка на наталитет. Дури и планираа да преселуваат Турци од Германија во Босна за да им помогнат во изградбата на нивното исламско општество. Бидејќи таквата стратегија на доминација ќе беше на штета на босанските Срби, ние решивме да се спротивставивме и да ги одбраниме нашите села – вели Караџиќ.
Токму ваквото размислување ја втемели општата тенденција кон геноцидните ставови, особено меѓу Србите, за време на балканските војни, која подоцна еволуираше во денешниот сеприсутен поим кај европската (и американската) екстремна десница за таканаречената голема замена. Тоа е идејата дека белата европска култура, цивилизација и раса во Европа полека се заменуваат со муслиманска имиграција, што, пак, ја оправдува насилната одмазда.
Брејвик го направи балканското поврзување експлицитно кога во својот манифест го пофали Караџиќ, велејќи дека „за неговите напори да ја ослободи Србија од исламот, секогаш ќе се памети како чесен крстоносец и европски воен херој“. Таквиот избор на зборови и терминологија еднакво силно резонира и кај српскиот национализам од 1990-тите и кај екстремно десничарскиот екстремизам денес.
Сепак, можеби најважното наследство од балканските војни и Босна, поважно дури и од борците што се враќаат дома или од ултрарадикалниот дискурс, беше уривањето на повоената европска илузија за цивилизирана меѓународна заедница што се грижи за светот.
Балканските војни, а особено тие во Босна и Херцеговина, беа едни од првите конфликти што беа пренесувани во живо на телевизија, веднаш по Првата заливска војна. Тоа што целиот свет го виде беа брутални злосторства и масакри, левичарски, десничарски и центристички, вклучувајќи го и геноцидот извршен против бошњачкото муслиманско население. Разни паравојски, со поголема или помала државна поддршка, можеа да отвораат логори, да мачат, силуваат, убиваат, да го палат верското и културното наследство, додека т.н. слободен свет мирно гледаше отстрана. Слободниот свет гледаше во ужас, но тоа беше сѐ што стори – гледаше пасивно и импотентно.
Дури по пет години, САД и Западот интервенираа против Србија, а по повеќе од една деценија можеше да се намириса правдата во меѓународниот трибунал. Во меѓувреме, телевизискиот геноцид беше голем мобилизирачки фактор за екстремистите од сите страни. На оние што гледаа, може да им се прости што заклучија дека злосторствата минуваат неказнето. Значи, ако сакате да спречите злосторства од другата страна, сѐ што треба да направите е да ги престигнете и да ги уништите пред да ве уништат.
Војната претставуваше пресвртна точка за европската историја. Убијците и фашистите не само што минаа неказнето, туку и се прославија, во живо на телевизија. Тој преседан беше забетониран во колективното сеќавање на една цела генерација, па беше само прашање на време кога ќе се случи новиот голем подем на европскиот фашизам.
Ибрахим е професор на Воениот колеџ на Армијата на САД, а Карчиќ е истражувач на Институтот за исламска традиција на Бошњаците во Сараево